По Алепо, бунтовниците освоија голем град кој Асад го држел од почетокот на војната
Сириските бунтовници денеска ги протераа провладините сили од Хама, постигнувајќи уште една голема победа по молскавичното пробивање низ северна Сирија. Ова е нов удар за сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите сојузници од Русија и Иран.
Ројтерс пренесува дека сириската армија ги прераспоредила силите надвор од градот со цел да се спасат цивилните животи и да се спречат понатамошни борби во урбаната средина по интензивните судири.
Џихадистичките бунтовници, предводени од сунитските исламисти од организацијата Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), објавија дека го зазеле североисточниот дел на градот, како и централниот затвор, каде ослободиле затвореници.
Телевизијата Ал Џезира објави снимка која тврди дека ги прикажува бунтовниците во Хама. Исламистите го освоија Алепо, најголемиот град во северна Сирија, минатата недела и оттогаш напредуваат кон југ од нивната енклава во северозападниот дел на земјата.
Хама беше под контрола на Асад уште од почетокот на граѓанската војна која започна со бунт против сирискиот претседател во 2011 година. Заземањето на Хама ќе предизвика голем шок во главниот град Дамаск и ќе ја зголеми загриженоста за продолување на маршот на бунтовниците кон југ.
Претходно беше објавено дека Русија ги повлекува своите бродови од поморската база во Сирија во моментот на ненадејната офанзива на џихадистите против Асад.