Абас: Нема да дозволиме никакво кршење на правата на палестинскиот народ

Макфакс

05/02/2025

14:39

281

Големина на фонт

а а а

Претседателот на палестинските власти Махмуд Абас денеска ги отфрли повиците на Соединетите Американски Држави да ја преземат контролата на таа територија и да ги преселат нејзините жители во соседните земји.

„Нема да дозволиме никакво кршење на правата на нашиот народ, за кои се боревме со децении и дадовме големи жртви за да ги оствариме“, рече Абас, пренесува палестинската новинска агенција Вафа.

Тој рече дека не може да се преговара за правата на Палестинците и повтори дека само решение со две држави и граници од 1967 година може да донесе регионална стабилност.

„Овие повици претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Мирот и стабилноста во регионот нема да се постигнат без формирање на палестинска држава со Ерусалим како главен град на границите од 4 јуни 1967 година, врз основа на решението за две држави“, посочи тој и додаде дека палестинскиот народ нема да се откаже од својата земја, права и свети места.

Абас нагласи дека Појасот Газа е составен дел од земјата на „Палестинската држава, заедно со Западниот Брег и Источен Ерусалим, окупирана од 1967 година“.

Според него, не може да се преговара за легитимните палестински права.

„Организацијата за ослободување на Палестина е единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ и независен носител на одлуки и никој нема право да донесува одлуки во нејзино име за иднината на палестинскиот народ“, предупреди палестинскиот лидер.

Тој ја изрази својата благодарност за, како што наведе, цврстите и непоколебливи позиции на арапските земји против раселување и анексија и нивната посветеност за формирање независна палестинска држава со главен град Ерусалим, како основен услов за постигнување мир во регионот, во согласност со меѓународните резолуции.

Тој ги повика генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и Советот за безбедност да преземат одговорност и да преземат итни мерки за заштита на едногласно договорените резолуции за меѓународна легитимност, заштита на палестинскиот народ и неговите неотуѓиви права, вклучително и правото на самоопределување и останување во својата татковина и да стави крај на израелската окупација на Палестина.

„Палестинскиот народ и неговото раководство се посветени на меѓународната легитимност и арапската мировна иницијатива, која го потврдува олицетворението на независна и суверена палестинска држава на територијата на Појасот Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим како нејзин вечен главен град“, заклучи палестинскиот лидер.

Американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека САД ќе го преземат Појасот Газа, а неговата визија за областа ја опиша како „Ривиера на Блискиот Исток“.