Поранешниот шеф на дипломатијата на Украина: Ако вака продолжи, ја губиме војната

Макфакс

02/12/2024

18:35

444

Големина на фонт

а а а

Дмитро Кулеба беше министер за надворешни работи на Украина до пред неколку месеци. Гидеон Рахман од „Фајненшл Тајмс“ за првпат се сретна со него во Киев во 2023 година.

Во септември, 43-годишниот Кулеба поднесе оставка по четири години на министерската позиција. Тој јавно не го коментираше неговото заминување. Но, се претпоставува дека тој бил сменет поради воени неуспеси и тензии меѓу соработниците на претседателот Володимир Зеленски.

Рахман се сретнал со Кулеба деновиве во хотел во Лондон и го раскажал тој разговор и неговите впечатоци во напис за „Фајненш тајмс“.

Во продолжение прочитајте од прво лице како Рахман го доживувал разговорот со до неодамна еден од најблиските соработници на Зеленски и за што разговарале:

„На почетокот на разговорот за неизбежната тема, му кажав на Кулеба дека е широко распространето мислењето дека Украина ја губи војната. Поранешниот шеф на украинската дипломатија се согласува дека работите изгледаат лошо: ‘Имаме ли денес средства и алатки за да ја свртиме ситуацијата и да го промениме текот на настаните? Не, не. И ако вака продолжи, ќе ја изгубиме војната’.

Бев изненаден од неговата отвореност. Имаше пауза пред малку да го омекне своето тврдење: ‘Факт е дека работите изгледаат лошо на бојното поле. Но, работите изгледаа уште полошо во првите месеци од 2022 година. Она што го мразам во моите разговори со европските и американските соговорници е дека сите прашуваат што е подготвена да направи Украина, што е подготвена да прифати. Ве молиме одговорете на вашето прашање. Што е подготвен Путин да прифати? Неговата цел е јасна. Тој мора да ја разбие украинската држава на еден или друг начин… Зошто да земам само дел ако на крајот можам да преземам сè? Тоа е неговата логика’.

Семејното потекло на Кулеба совршено го подготви за задачата да му ја објасни украинската борба на светот. Татко му бил дипломат, мајка му професорка по украински јазик. Како млад, тој брзо напредуваше во дипломатската служба и стана вицепремиер во 2019 година, а една година подоцна и министер за надворешни работи.

Западната претпазливост во врска со воената помош за Украина беше постојан извор на фрустрација за Зеленски. Прашувам зошто Кулеба мисли дека западните сојузници биле толку неволни да испорачаат напредно оружје.

‘Прашањето зошто Западот не прави нешто обично е најтешко. Ние Украинците имаме среќа што Џо Бајден беше претседател на САД во 2022 година, бидејќи во спротивно работите ќе одеа многу полошо за нас. Но, неговиот ум е обликуван од логиката на Студената војна, може да разговара за членството на Украина во НАТО или за нуклеарните бомби. Преокупирана со опасностите од нуклеарна војна – стравувањата на кои Путин сè уште игра – администрацијата на Бајден бавно го пренесува офанзивното оружје во Украина’.

Што е со Доналд Трамп? Дали е загрижен Кулеба? ‘Воопшто не сум загрижен, бидејќи тоа не е нешто што можам да го променам. Прво, одвојте го она што го кажува Трамп од она што го кажуваат луѓето околу него. Маск и синот на Трамп можат да кажат што сакаат. Но, ако погледнете што кажа Трамп, тоа е sамо две работи, дека ќе ја запре војната и второ, дека Зеленски е најдобриот трговец во светот’.

Потоа вели нешто изненадувачко: ‘И рускиот и украинскиот лидер изразуваат подготвеност да разговараат бидејќи не сакаат да го отфрлат Трамп. Првиот што го стори тоа ја губи играта, нели? Ако Трамп, да речеме, му се налути на Путин, дали ќе возврати? Можеби со зајакнување на Украина?’.

Тоа е атрактивна мисла, но не изгледа многу сигурно. Трамп често го изразуваше своето восхитување на Путин и јасно го гледа како негов рамен. Тој беше прилично ладен кон Зеленски.

На прашањето дали може да се постигне мировно решение – и кој е виновен за блокирањето на договорот – жестоко се дебатира уште од почетокот на војната. Понекогаш се истакнува дека Русија и Украина биле подготвени да склучат договор само неколку месеци по почетокот на инвазијата на Путин во февруари 2022 година, но дека западните сојузници на Киев ја убедиле Украина да го отфрли договорот.

Кулеба беше вклучен во разговорите со Русите. Тој воздивнува: ‘Немаше мировно решение во 2022 година. Овој аргумент го слушнав насекаде, но оваа гледна точка е целосна инверзија на реалноста. Познавајќи ги нашите западни партнери, ако имаше и најмала шанса за крај на војната во 2022 година ќе не туркаа да се договориме’.

Руските мировни предлози, според него, беа сосема несериозни: ‘Тие дури имаа една одредба дека целата украинска тешка оклопна опрема мора да биде сместена во магацини кои ќе бидат под контрола на руските сили. Значи, планот беше јасен. Неутрализирајте ја Украина, чувајте ja освоената територија, демилитаризирајте ја Украина, а потоа нанесете го последниот удар“.

Го прашувам Кулеба, дали луѓето во Велика Британија или ЕУ треба да се чувствуваат директно загрозени од Русија. Неговиот одговор е дециден: ‘Од почетокот на инвазијата, приватно им кажувам на колегите министри за надворешни работи дека тие ќе бидат следни ако не ни помогнат да ја победиме Русија. И ми велат дека тоа е премногу, бидејќи нивните земји се членки на НАТО и Путин нема да се осмели да нападне’.

Но, Кулеба верува дека НАТО повеќе не е железната гаранција каква што беше некогаш: ‘Довербата на европските сојузници во НАТО не се заснова на член 5 од Северноатлантскиот договор. Во реалноста, таа се заснова на една реченица – САД ќе ги бранат сите, a оваа реченица му припаѓа на Бајден. Што ако имате претседател кој вели дека нема да ја брани секоја педа од вашата територија. Штитот паѓа и Путин ќе се чувствува слободен да прави што сака’.



Спонзорирани линкови

Маркетинг