Драстичната ескалација на војната во Сирија е последната последица од немирите кои го зафатија Блискиот Исток по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Масакрот на Хамас и одговорот на Израел го променија статус квото. Настаните во Сирија во последните денови се уште еден доказ дека војната која го зафаќа Блискиот Исток ескалира, а не стивнува, пишува Би-би-си во анализата на ситуацијата.
Во текот на деценијата од војната по 2011 година, владеењето на Башар ал Асад преживеа бидејќи тој беше подготвен да ја скрши Сирија за да го спаси режимот кој го наследи од неговиот татко.
Асад преживеа благодарение на Русија и Иран, но…
Во ова, тој се потпираше врз моќните сојузници, Русија, Иран и либанскиот Хезболах. Тие интервенираа на негова страна против бунтовничките групи кои варираа од џихадистичките екстремисти на Исламската држава до милитанти групи поддржани од САД и богатите монархии од Заливот.
Сега Иран е во неволја поради сериозните удари кои му ги нанесе Израел, со поддршка на САД. Неговиот сојузник Хезболах, кој ги испраќа своите најдобри борци да се борат за режимот на Асад во Сирија, е осакатен од израелските напади. Русија започна со воздушни напади во последните денови против бунтовничката офанзива во Сирија, меѓутоа нејзината воена моќ е речиси целосно посветена на војната против Украина.
Војната во Сирија не е завршена. Таа го „загуби“ своето место кое порано го заземаше во насловните страници на медиумите, делумно поради турбуленциите на Блискиот Исток и пошироко, но и поради тоа што на новинарите им е речиси невозможно да влезат во земјата. На некои места војната е прекината или замрзната, но дефинитивно не е завршена, пишува Би-би-си.
Бунтовниците ја освоија претходно непробојната тврдина на Асад – античкиот Алепо
Режимот на Асад никогаш не ја поврати моќта со којашто ја контролираше Сирија пред 2011 година, годината на Арапската пролет и бунтот во регионот. Во режимските затвори сè уште има голем број затвореници. Режимот на Асад до последните неколку дена ги контролираше поголемите градови, околните села и главните автопатишта кои ги поврзуваат.
Сега коалицијата на бунтовничките групи, предводена од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), излезе од Идлиб, провинција долж границата со Турција, и за само неколку дена од 27 ноември ги збриша сириските сили во серија зачудувачки напади, како што ја опиша ситуацијата висок меѓународен дипломат.
Два дена по почетокот на офанзивата, тие објавија фотографии од борците кои го зазедоа античкиот град Алепо, претходно непробојна база на владините сили меѓу 2012 и 2015 година, кога градот беше поделен помеѓу бунтовниците и силите на режимот.
Се чини дека атмосферата во Алепо е мирна по поразот на владините трупи, а снимката објавена на социјалните мрежи покажува униформирани и вооружени бунтовнички борци кои чекаат ред за пржено пилешко во ресторан за брза храна.
ХТС потекнува од Ал Каеда, но раскина со неа во 2016 година и повремено се бореше против нејзините лојалисти. Но, Советот за безбедност на ОН и земјите вклучувајќи ги САД, Европската унија, Турција и Обединетото Кралство сè уште ја сметаат ХТС за терористичка група, додека сирискиот режим сите свои противници ги нарекува терористи.
Бунтовниците се предводени од долгогодишен џихадист кој сега се оддалечува од радикалната идеологија
Водачот на ХТС Абу Мохамад ал-Џавлани има долга историја како лидер на џихадистите во Ирак и Сирија. Сепак, во последниве години тој се оддалечи од строгата џихадистичка идеологија за да се обиде да ја прошири привлечноста на неговата група.
ХТС користи иста метода и за привлекување на поддршка за офанзивата која ја нарекуваат Операција за одбивање на агресијата – ова име и нивните официјални објави го одбегнуваат џихадистичкиот јазик и исламските референци.
Неутралниот јазик, според Мина ал-Лами, експерт за џихадистичките медиуми во Би-би-си, е дизајниран да го оддалечи она што се случува од џихадистичкото минато на ХТС и да ја претстави офанзивата како заеднички бунтовнички потфат против режимот.
Сиријците не ги привлекува верскиот екстремизам
Сиријците генерално чувствуваат одбивност кон екстремната религиозна реторика. Додека џихадистичките групи доминираа во бунтот против сирискиот режим откако продемократските демонстрации беа задушени по првата година од војната по 2011 година, многу Сиријци или останаа неутрални или неволно застанаа на страната на режимот, плашејќи се од убиствената џихадистичка идеологија на Исламската држава.
Офанзивата предводена од ХТС доаѓа од поделениот политички пејзаж на северна Сирија. Поголемиот дел од североистокот на земјата е контролиран од Сириските демократски сили (SDF), група предводена од Курдите, а поддржана од САД која има околу 900 војници во областа.
Турција е главен играч кој ги контролира пограничните области каде што има распоредено свои воени сили, како и милитантите кои ги спонзорира. Тука се и ќелиите за спиење на членовите на остатокот од Исламската држава, кои понекогаш поставуваат смртоносни заседи на патиштата низ сириската пустина.
Бунтовниците запленија многу оружје, вклучително и хеликоптери. Следната цел е Хама
Извештаите од Сирија покажуваат дека бунтовничките сили заплениле значителни резерви на воена опрема, вклучително и хеликоптери, како и дека напредуваат кон Хама, следниот значаен град на патот кон Дамаск.
Нема сомнение дека режимот и неговите сојузници ќе работат на задржување на позицијата и возвраќањето на ударот, особено од воздух. Бунтовниците немаат значителни воздушни сили, но исто како и во Украина, така и во Сирија, беспилотните летала драматично го менуваат војувањето, па така наводно неодамна со дрон убиле висок функционер на разузнавачката служба на режимот.
Меѓународен аларм
Обновените борби во Сирија предизвикуваат меѓународна тревога. Претставникот на ОН за Сирија, Геир Педерсен, рече дека: „Последните случувања претставуваат сериозни ризици за цивилите и имаат сериозни импликации за регионалната и меѓународната безбедност … Ниту една сириска страна или постоечка група актери не може да го реши сирискиот конфликт со воени средства“.
Педерсен додаде дека дошло до „колективен неуспех во иницирањето на вистински политички процес“ за спроведување на резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, која беше донесена во 2015 година. Таа постави план за мир, со принципот во текстот дека „сирискиот народ ќе одлучува за иднината на Сирија“.
Половина милион мртви докажуваат дека Асад нема намера само така да ја предаде државата
Целта беше иднина обликувана од слободни избори и нов устав. Но, тие би значеле дека Асад и неговото семејство се откажале од земјата која со години ја третираат како свој личен феуд. Меѓутоа повеќе од половина милион мртви ја потврдуваат нивната решеност да не го дозволат тоа.
Премногу е рано да се отпише режимот на Асад, кој сè уште има значителен дел од вистинската јавна поддршка. Некои Сиријци него го гледаат како најмалку лоша опција, подобра од џихадистите кои доминираат во бунтот. Меѓутоа, доколку и другите групи се свртат против Асад, неговиот режим повторно ќе се најде во смртна опасност.