Последниот тениски танц во Буенос Аирес донесе многу солзи: Ѓоковиќ и Дел Потро заедно плачеа на теренот

Дерби

02/12/2024

10:58

349

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ отпатува до Аргентина за да биде дел од прошталниот чин во чест на Хуан Мартин Дел Потро, а по одиграниот ревијален меч со својот добар пријател, следеа наплив на емоции кај двајцата.

Атмосферата во Буенос Аирес направи двајцата тенисери да завршат со солзи во очите, што доволно говори колку популарниот Делпо е сакан во својата родна земја, но и од својот голем ривал во тениската кариера.

Тешките повреди ја уништија кариерата на талентираниот тенисер кој успеа да освои една грен-слем титула (Ју-Ес Опен), па иако во најголем дел ги губеше дуелите со Ѓоковиќ, мора да се напомене дека на двапати застана на неговиот пат на Олимписките игри.

Убавото ривалство кое го имаа на теренот го преточија во вистинско пријателство, за што говорат и сцените кои пристигнаа од Аргентина.

Ѓоковиќ му дозволи на Дел Потро да запише победа на својот проштален меч со 6:4 и 7:5, па откако се прегрнаа на мрежа, двајцата со солзи го проследија последниот тениски танц на омилениот аргентински тенисер.