[ФОТО/ВИДЕО] Падна Алепо, Русите ги напаѓаат бунтовниците, сириската војска избегала: „Ова никогаш не се случило“

Точка

30/11/2024

19:02

6.949

Големина на фонт

а а а

Бунтовничките сили во Сирија ја презедоа контролата врз најголемиот дел од вториот по големина град во земјата, Алепо, се наведува во извештајот на Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Велика Британија, пишува Би-би-си.

За првпат по 2016 година, Русија изврши воздушни напади врз делови од Алепо во текот на синоќешната ноќ, велат набљудувачите. „SOHR“ објави дека повеќе од 300 луѓе, вклучително и повеќе од 20 цивили, биле убиени од почетокот на офанзивата во средата.

Офанзивата е најголемиот напад врз сириската влада во изминатите години и за првпат бунтовниците кои се борат против силите на претседателот Башар ал-Асад стасаа до Алепо откако армијата ги протера во 2016 година. Сириската армија потврди дека бунтовниците влегле во „големи делови“ од градот и дека десетици војници биле убиени или повредени во борбите.

Немаше многу борби, војската си замина од Алепо

Во соопштението тие наведуваат дека војниците се привремено повлечени од Алепо „за да се подготват за контраофанзива“. Аеродромот во Алепо и сите патишта кои водат до градот се затворени, изјавија воени извори за новинската агенција Ројтерс. Бунтовниците успеаја да заземат „поголем дел од градот“ без значителен отпор, објави „SOHR“ во саботата наутро.

„Немаше многу борби бидејќи силите на сирискиот режим се повлекоа, изјави портпаролот“ за Би-би-си. „Градскиот совет, полициските станици, канцелариите за разузнавање – сè е празно. Ова никогаш не се случило“, се додава во извештајот.


Претходно во петокот владините сили соопштија дека ги вратиле позициите во неколку градови во провинциите Алепо и Идлиб, по офанзивата која ја започнаа ХТС и сојузниците во средата. Видеото објавено на канал поврзан со исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) покажува бунтовнички борци во возила во градот. „BBC Verify“ ја лоцираше геолокацијата на снимката во западните предградија на Алепо.

АФП извести дека еден од нивните новинари во петокот видел „антивладини борци“ пред градската знаменитост-цитаделата. Инаку повеќе од половина милион луѓе се убиени во граѓанската војна во Сирија која избувна откако владата насилно ги задуши продемократските протести во 2011 година.



Различните вооружени групи кои се противат на владата на Асад – вклучувајќи ги и џихадистите го искористија хаосот за да заземат делови од територијата на државата. Додека сириската влада со помош на Русија и другите сојузници подоцна го врати поголемиот дел од територијата која ја загуби.

Идлиб, последното преостанато упориште на опозицијата, е главно под контрола на ХТС, но постојат и бунтовнички фракции поддржани од Турција и турските сили.

Сириските и руските авиони ги напаѓаат бунтовниците

Сириската и руската авијација извршија 23 воздушни напади во петокот во близина на Идлиб, според „SOHR“. Групата со седиште во Велика Британија, која користи мрежа од извори на теренот во Сирија, објави дека четворица цивили загинале, а 19 биле повредени во руските напади.


Руската војска соопшти дека ги бомбардирала „екстремистичките сили“, јавуваат руските новински агенции. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изрази поддршка за „сириската влада за брзото воспоставување на редот“ и рече дека суверенитетот на земјата е нападнат.

Во петокот канал поврзан со бунтовниците објави: „Нашите сили почнаа да навлегуваат во градот Алепо“. Би-би-си ја потврди автентичноста на снимката на која се гледаат вооружени мажи како трчаат по улица на околу седум километри од средновековната цитадела во центарот на градот.



Едно видео, кое исто така е проверено, покажува големи групи луѓе со багажници како заминуваат од областа во близина на Универзитетот во Алепо. Тоа видео е снимено на три километри од местото каде што медиумите поврзани со ХТС тврдат дека бунтовничките сили влегле во градот.

„Се плашиме дека повторно ќе бидеме протерани“

Жител на Алепо, Сармад, изјави за АФП дека слушал „звуци на проектили и артилериско бомбардирање цел ден и ноќ“. „Се плашиме дека повторно ќе избие војна и дека повторно ќе бидеме протерани од нашите домови“, изјави 51-годишникот.


Заменикот на регионалниот хуманитарен координатор на ОН за Сирија, Дејвид Карден, рече дека е длабоко загрижен поради влијанието на ескалацијата врз цивилите. „Непрестајните напади во изминатите три дена ги однесоа животите на најмалку 27 цивили, вклучително и деца на возраст од осум години“, изјави тој.



Борбите во Идлиб во голема мера стивнаа од 2020 година, кога Турција и Русија, клучните сојузници на Сирија, се согласија на прекин на огнот за да се запре обидот на владата да ја врати провинцијата. Меѓутоа, во средата, ХТС и нејзините сојузници соопштија дека ја започнале офанзивата за да „спречат агресија“, обвинувајќи ја владата и сојузничките милитантни групи за ескалација во регионот.

Аналитичарите велат дека бунтовниците постигнале брз напредок бидејќи сириските сојузници – Иран и Хезболах, се ослабени поради израелските напади во регионот.