Европски гигант на колена: Првиот човек поднесе оставка ден по барањето стечај, еве како се тргна на лошо

Точка

27/11/2024

20:38

8.484

Големина на фонт

а а а

Како еден од најголемите акционери на компанијата, извршниот директор на компанијата останува во одборот на директори.

Извршниот директор на шведската компанија "Northvolt", специјализирана за производство на батерии, Питер Карлсон, поднесе оставка еден ден откако компанијата поднесе барање за стечај во САД. Карлсон ја донел одлуката поради критичната ситуација во компанијата, за време на состанокот со вработените во петокот наутро, соопшти компанијата од Стокхолм.

Инаку, "Northvolt" беше финансиски најстабилниот европски стартап со повеќе од 15 милијарди долари прибран капитал од инвеститори и влади, но од таа сума на компанијата и останаа само 30 милиони долари готовина, што е доволно за само една недела деловно работење.


Правна заштита

Поради ваквиот развој на ситуацијата, компанијата поведе постапка според поглавјето 11 од американскиот закон за стечај, кој обезбедува заштита од доверителите.

„Поднесувањето според Поглавје 11 дозволува период во кој компанијата може да се реорганизира, да ги забрза операциите додека ги почитува своите обврски кон клиентите и добавувачите и да се позиционира долгорочно. Затоа, вистинско време е да го предадам бизнисот на следната генерација лидери“, рече Карлсон.

Тој подоцна им кажа на новинарите дека на "Northvolt" му требаат помеѓу 1 милијарда и 1,2 милијарди долари за да продолжи со работа по банкротот, објави "Financial Times".

Поранешниот извршен директор на "Tesla" го основа "Northvolt" во 2016 година и го позиционираше како одговор на Европа на растечката доминација на азиските производители на батерии како што се кинеските "CATL" и "BYD", јапонскиот "Panasonic" и јужнокорејските "LG" и "Samsung". "Northvolt" обезбеди повеќе од 50 милијарди долари за нарачки за снабдување со батерии на автомобилски групи како "Volkswagen", "BMW", "Skania" и "Porsche", како и дополнителни милијарди од истите тие компании и инвеститори како "Goldman Sachs" и "BlackRock".

Компанијата минатиот четврток соопшти дека поднела барање за банкрот во САД со над 5,8 милијарди долари долг, за да обезбеди пристап до 145 милиони долари во готовина и 100 милиони долари ново финансирање од производителот на камиони "Scania". Сега таа бара еден или повеќе инвеститори кои ќе и обезбедат финансии за да излезе од стечајната постапка.


Сегашните и поранешните вработени ги припишуваат проблемите на компанијата на низа предизвици, вклучувајќи лошо управување, прекумерно трошење, слаби безбедносни стандарди и преголема зависност од кинеска опрема. Неколку инвеститори приватно побараа од Карлсон да поднесе оставка за да ја преземе одговорноста за падот на бизнисот.

„Требаше порано да го забавам проширувањето на бизнисот за да се осигурам дека основната фабрика работи според планот“, призна Карлсон, коментирајќи ги неуспесите на компанијата.

"Volkswagen"(VW), најголемиот акционер на компанијата со удел од 21 отсто, го информираше стартапот дека „веќе не може да продолжи со финансирањето“, рече Карлсон. Сепак, тој додаде дека компанијата добила силна поддршка од трите компании "Scania", "Porsche" и "Audi", кои се дел од групацијата "VW".

Компанијата се соочи со тешкотии во зголемувањето на производството во нејзината единствена фабрика во Шелефте, недалеку од Арктичкиот круг во северна Шведска. Сепак, плановите за изградба на фабрики во Германија и Канада не се засегнати од стечајната постапка бидејќи тие веќе добија значителни субвенции од тамошните влади.


Петтина од вработените биле отпуштени

Новиот менаџмент на компанијата го сочинуваат Пија Алтонен-Форсел, главен финансиски директор; Матијас Арлет, поранешен извршен директор на "VW", кој сега го предводи одделот за ќелии на батерии и ја презема улогата на главен оперативен директор; и Скот Милар, извршен директор на "Tene", кој е именуван за главен директор за реструктурирање. Карлсон, кој останува еден од најголемите акционери на компанијата, останува во одборот и продолжува да служи како виш советник.

Во септември, компанијата објави планови за глобално намалување на работната сила за околу 20 отсто, додека во Шведска отпуштањата би влијаеле на 25 отсто од вработените, потсетува "CNBC".