Невообичаеното владеење на Рамзан Кадиров го „принуди“ светот да зборува за Чеченците, но она за што малку се знае, е која е жената која стои покрај овој лидер.
Кога станува збор за брачната заедница во Чеченија, нејзините жители не го поздравија со ентузијазам предлогот на лидерот Рамзан Кадиров за легализирање на полигамијата во нивната земја. Чеченскиот лидер смета дека е добро мажот да има до четири законски сопруги, бидејќи „ние имаме војна, имаме, според статистичките податоци, повеќе жени отколку мажи“, изјави Кадиров.
Имено, Чеченците сметаат дека е тешко да се издржува дури и една жена и децата, а камоли уште три жени и деца од тие бракови.
Инаку и самиот Кадиров има само една законска сопруга, Медни Кадиров, која има 46 години и се омажила за чеченскиот лидер на рана возраст.
Медни Мусаевна Кадирова е првата и засега единствена сопруга на Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија. Медни се запознала со Рамзан уште кога биле деца – пораснале во исто село, оделе и во исто училиште.
По советот на татко му, Кадиров ја избрал Медни за сопруга, а кога се оженил тој имал 19, а Медни 17 години. Набргу потоа парот го добил своето прво дете, синот, кој го добил името по неговиот дедо Ахмед, кој загинал бранејќи ја својата земја.
По Ахмед, дојдоа уште девет деца, па Медни и Рамзан сега имаат четири синови и шест ќерки, но посвоија уште две момчиња и со тоа дадоа пример за сите во Чеченија дека семејството е приоритет.
Освен што се занимава со децата, Медни лансираше и модна линија која ја промовира традиционалната облека и стилот. Жените во Чеченија се облекуваат според строгите исламски правила, покривајќи ја главата и телото и употрбуваат многу малку шминка.
Модната линија на Медни Кадиров е многу популарна во исламскиот свет, па така нејзините модели се изработуваат и во Обединетите Арапски Емирати.
Рамзан кажа дека неговата сопруга ги почитува строгите правила за облекување, но дека во приватноста на нивниот дом се шминка и се дотерува за својот сопруг.
Бидејќи таму е дозволена полигамијата, Кадиров има право на четири легални сопруги, но сè уште има само една. Иако се шпекулираше дека тој неодамна се оженил со друга, осумнаесетгодишната Фатима која ја запознал за време на ревијата на неговата сопруга Медни, тоа не е точно.
Рамазан неколку пати изјавил дека ниту една жена не ѝ е рамна на неговата Медни, и дека доколку се одлучи за втора жена, ќе се ожени само со благослов од првата жена.
„Сè уште не сум запознал жена која може да ги надмине доблестите и убавината на мојата сакана Медни“, изјави еднаш Кадиров.
Рамзан имаше само 30 години кога дојде на чело на Чеченија, по смртта на претходниот лидер, неговиот татко Ахмед. Неговиот татко беше убиен со автомобил-бомба во 2004 година, по помалку од една година на функцијата.
Постојат многу контроверзии за начинот на кој Кадиров ги води Чеченците. Најмногу се зборуваше за концентрациони логори за хомосексуалците, каде што луѓето наводно се измачуваат со електрошокови.
Оваа вест се појави откако во 2017 година беше потврдено дека 100 хомосексуалци завршиле во затвор, од кои тројца биле убиени.
„Нова газета“ тогаш објави дека во Чеченија има неколку концентрациони логори за хомосексуалци, каде што, ако имаат среќа да не бидат убиени, ги принудуваат да ветат дека ќе ја напуштат земјата.
Еден од логорите наводно бил сместен во поранешниот воен штаб во градот Аргун.
Чеченскиот режим во тоа време негираше постоење на какви било логори или апсења.
„Не можете да апсите или да спроведувате репресивни мерки против луѓето кои ги нема во државата. Да постоеја хомосексуалците во Чеченија, владата не би требала да се грижи за нив бидејќи нивните семејства сами би ги испратиле таму од каде што повеќе никогаш не можат да се вратат“, изјави Алви Каримов, портпарол на Рамзан Кадиров.
По завршувањето на изборите во 2016 година, Рамзан Кадиров организираше свечен прием по повод Денот на чеченската жена. Додека некои други државници би прифатиле конзервативна облека; одело и вратоврска, Рамзан Кадиров не се задоволува со обичното.
Облечен во традиционална чеченска воена носија со челичен оклоп, копје и шлем, тој ги поздрави собраните Чеченки во палатата Сафија.
„Многу пати кажав дека Чеченките доживеале многу трагедии. Сега е време кога треба да уживаат во животот и да не се грижат за безбедноста на своите деца, роднините и пријателите“, рече Кадиров во својот поздравен говор.
Додека во 2017 година, стотици разведени парови во Чеченија се приклучија на програмата за помирување иницирана од Кадиров, а тој разводите ги оцени како причина за големи социјални проблеми.
Така, како што објави државната телевизија, 948 разведени парови биле повторно споени откако Кадиров наредил спроведување на програмата „семејно помирување“.
Исто така Кадиров изјави дека децата кои ги одгледуваат родителите во брачна заедница се помалку подложни на тероризам.
„Мораме да ги разбудиме луѓето, мораме да им објасниме. Мораме да ги вратиме жените кои ги напуштија своите сопрузи и да ги споиме. Тоа е приоритет“, објасни Кадиров.
И покрај бројните сексуални скандали во кои се најде Кадиров, тој сепак тврди дека семејството му е најважното нешто на светот.
Тој смета дека секое семејство во Чеченија мора него да го гледа како пример и токму затоа има толку големо семејство.
Инаку Кадиров дома има лав и тигар, а освен со диви мачки, моќта ја докажува и со разни хобија. Се занимава со бокс и е голем љубител на фудбалот, а некои од најголемите спортски ѕвезди едвај чекаа да играат со него.
Покрај тоа Рамзан го забрани производството на алкохол во земјата и го прогласи коцкањето за кривично дело, а секогаш се фалел дека е голем муслиман и нареди сите жени да носат шамии.