Најстариот маж на светот почина на 113-годишна возраст во Англија

Точка

26/11/2024

14:45

421

Големина на фонт

а а а

Британецот Џон Тинисвуд, кој во април стана најстариот маж на светот, почина во понеделникот на 113-годишна возраст во Англија, соопштија денеска неговото семејство и Гинисовата книга на рекорди.

Тинисвуд, роден во Ливерпул на 26 август 1912 година, починал во старечки дом во Саутпорт, северозападна Англија.

Тој починал „опкружен со музика и љубов“, се вели во соопштението на неговото семејство.

„Џон отсекогаш сакаше да каже благодарам, па затоа во негово име им благодариме на сите што се грижеа за него низ годините“, додава неговото семејство.


Тинисвуд зад себе остави ќерка, четири внуци и три правнуци.

Во април официјално беше прогласен за најстар маж во светот во Гинисовата книга на рекорди по смртта на Венецуелецот Хуан Висенте Перез на 114-годишна возраст, пренесува Бета-Франс прес.

Тинисвуд не следел некоја посебна диета, освен порција риба и чипс секој петок, и живеел како сите други во старечкиот дом.

Тој беше навивач на Црвените од Ливерпул, а во текот на годината рече дека неговата долговечност е само „среќа“, иако се залагаше за умереност за да остане здрав.


„Ако пиете премногу, ако јадете премногу, ако одите премногу, ако работите премногу, на крајот ќе страдате“, изјави тој во Гинисовата книга на рекорди.

Тинисвуд, роден во годината кога Титаник потона, беше сметководител во британските вооружени сили за време на Втората светска војна, а потоа работеше за нафтените гиганти Шел и БП.

Најстарата жена на светот во моментов според Гинисовата книга на рекорди е Јапонката Томико Итока, која има 116 години.




Спонзорирани линкови

Маркетинг