Ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна, одговори кинеската амбасада во Вашингтон во понеделникот на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни царини од 10 отсто на сите кинески увозни производи кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна“, рече портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју. „Никој нема да победи во трговска или тарифна војна“, рече Лиу.
Трамп рече дека ќе воведува царини додека Кина не го запре протокот на нелегални дроги, особено фентанил, во Соединетите држави. Тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го запре протокот на илегална дрога што влегува во САД од Мексико.
„Додека ова не биде прекинато, ќе наплаќаме од Кина дополнителни 10 отсто царини, покрај сите дополнителни царини, за големиот број нивни производи кои доаѓаат во Соединетите држави“, рече Трамп.
Трамп претходно вети дека ќе го прекине трговскиот статус на најповолна нација на Кина и ќе воведе царини за кинескиот увоз од повеќе од 60 отсто, многу повисоки од оние воведени за време на неговиот прв мандат.
Лиу во изјавата рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател во заминување Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година. „Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во операциите против наркотиците“, рече Лиу.
„Сето ова докажува дека идејата дека Кина свесно дозволила прекурсори на фентанил да влезат во САД е целосно спротивна на фактите и реалноста“, рече Лиу.
Главниот кинески обвинител во јуни ги повика своите службеници за спроведување на законот да се фокусираат на борбата против шверцот со дрога, додека Пекинг и Вашингтон открија ретка заедничка истрага за дрога.
Набргу по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици во август, Кина објави дека ќе ги заостри контролите на три хемикалии потребни за производство на фентанил.
Покрај Кина, цел на царините се Мексико и Канада, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
„На 20 јануари, во една од моите први извршни налози, ќе ги потпишам сите потребни документи за наплата на Мексико и Канада 25 отсто царина за сите производи што доаѓаат во Соединетите Држави и нивните смешни отворени граници“, објави Трамп.