Руските сили заробија Британец кој се борел на страната на украинската армија во Курската област во западна Русија, која е делумно под контрола на украинските сили.
Оваа информација ја потврди безбедносен извор за руската државна агенција РИА Новости. Човекот од објавената снимка тврди дека се приклучил на Украинската легија на странци откако бил отпуштен од британската армија.
„Војникот од Велика Британија, кој се претставува како Џејмс Скот Рис Андерсон, е заробен. Тој во моментов дава исказ“, изјави руски извор за новинската агенција која ја објави веста во неделата.
🚨🇬🇧 BRITISH MERCENARY CAPTURED BY RUSSIAN FORCES
— Breaking News (@PlanetReportHQ) November 24, 2024
Russian soldiers have detained James Scott Rhys Anderson, a former senior British Army soldier, in the Kursk region.#Russia #UK #Breaking #Kursk pic.twitter.com/jziG67LOXG
На неформалните руски провоени канали на Телеграм вчера беше објавена снимка на која може да се види брадест млад човек во воена униформа со рацете врзани зад грб, кој на англиски јазик се претставува како 22-годишен Џејмс Скот Рис Андерсон.
„Претходно бев во британската армија, од 2019 до 2023 година во 22. сигнален полк“, рече Андерсон, додавајќи дека бил „само војник“.
„Кога останав без работа, се пријавив преку веб-страницата на меѓународната легија. Изгубив сè, останав без работа. Татко ми беше во затвор, тоа го видов на телевизија“, додаде тој, и одмавна со главата. „Тоа беше глупав потег“, додаде Андерсон наведувајќи дека од Британија прво долетал во Краков, а потоа со автобус од Полска пристигнал на украинската граница.
Според извештајот на Ројтерс, не е јасно кога била направена оваа снимка, а британското Министерство за надворешни работи сè уште не одговорило на барањата за коментар.
Меѓутоа Би-би-си претходно објави дека Министерството за надворешни работи соопштило дека: „му нуди поддршка на семејството на британскиот државјанин“, по веста за неговото заробување.
Во август, украинската војска изврши ненадеен упад во областа Курск, чиј дел сè уште го контролира. Меѓутоа, Киев во текот на викендот призна дека изгубил над 40 отсто од територијата која првично беше под негова контрола, бидејќи руските сили извршија бранови од контранапади.