Декласифицирана шпионска снимка ја откри локацијата на една од клучните битки во исламската историја

Точка

18/11/2024

19:52

1.069

Големина на фонт

а а а

Декласифицираните ирачки шпионски снимки им помогнаа на археолозите да го пронајдат местото на битката што им овозможила на раните муслимани да освојат голем дел од Блискиот Исток. Станува збор за изгубениот град ал-Кадисија.

По анализата на снимките направени во 1973 година од американски сателитски систем наречен KH-9 (Hexagon), тимот пронашол остатоци од населба стара 1.400 години. Ова им помогнало да го поврзат местото со изгубеното место на битката кај ал-Кадисија, објавија истражувачите во студијата објавена на 12 ноември во списанието „Antiquity“.

Битката кај ал-Кадисија се случила во 636 или 637 година помеѓу арапската муслиманска војска и Сасанското Царство, кое владеело со сегашен Иран помеѓу 224 и 651 година. Според „Encyclopedia Britannica“, битката била клучна победа за муслиманската војска и почеток на конечното муслиманско освојување на Персија.


Вилијам Дедмен, археолог на Универзитетот „Дурам“ во Велика Британија и главен автор на студијата, и неговите колеги првично не тргнале да го најдат местото на изгубената битка. Користејќи сателитски снимки од 1973 година, тие ја испитувале патеката за аџилак на хаџот Дарб Зубајда како дел од разгледувањето како место од светското наследство на УНЕСКО.

Според УНЕСКО, Дарб Зубајда го поврзал градот Куфа во Ирак со Мека во Саудиска Арабија и бил најважниот пат за аџилак помеѓу 750 и 850 година, за време на Абасидскиот Калифат, златното доба на муслиманската цивилизација.

Додека истражувачите ги разгледувале неодамна декласифицираните слики, сфатиле дека можеби ќе имаат можност да го пронајдат изгубеното бојно поле на ал-Кадисија, се вели во соопштението на Универзитетот „Дурам“. Записите од битката даваат индиции за нејзината локација. На пример, тие спомнуваат дека имало ѕид долг 10 километри што го поврзувал ал-Кадисија со соседниот град и дека градот е „јужно од површината на водата, помеѓу ровот и премостениот поток“.

Користејќи ги овие индиции, Дедмен лоцирал модерно земјоделско поле кое одговарало на описот.


Теренското истражување го потврдило откритието. Истражувачите идентификувале ѕид и ров долг 10 километри северно од градот што се споменува во историските текстови.

„Ова откритие обезбедува географска локација и контекст за битката која е една од основните приказни за ширењето на исламот во модерен Ирак, Иран и пошироко“, вели Дедмен, пренесува „Livescience“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг