[ФОТО/ВИДЕО] Тајсон и Пол со огромни заработки од синоќешната борба: Повеќекратниот шампион незаситен - го прозва братот на Џејк, тој му одговори: Ќе те убијам Мајк

Точка

16/11/2024

15:29

2.164

Големина на фонт

а а а

Мајк Тајсон (58) доживеа тежок пораз од триесет и една година помладиот јутјубер, Џејк Пол, којшто во последните седум години сериозно се занимава со боксот и успешно ја гради својата боксерска кариера.

Боксерскиот спектакл беше одржан на стадионот „AT&T“ во Тексас, додека двајцата боксери од оваа борба заработија огромна сума на пари.


Имено Пол за остварената победа заработи 38 милиони евра, додека на Тајсон му припадна половина помалку (19 милиони евра), меѓутоа ова е само основната сума која беше договорена уште пред борбата. Покрај ова на двајцата ќе им припадне и дел од заработката на Нетфликс, која допрва треба да биде соопштена.


Меѓутоа интересно е тоа што Тајсон само четири пати во кариерата заработи повеќе од наградата која ја освои по борбата со Пол, додека неговата најголема заработка во кариерата изнесуваше 90 милиони евра, која ја оствари по борбата со Ленокс Луис во 2002 година.


Инаку Тајсон заработи по 30 милиони евра од борбите против Френк Бруно (1996) и по првата борба со Евандер Холифилд истата година, додека од нокаутот на Мајкл Спинкс во 1988 година има заработено 20 милиони евра.

За Пол ова е убедливо најголема заработка во кариерата во која сега има 11 победи и еден пораз, а пред мечот со Тајсон од боксот има заработено 14 милиони евра.


„Железниот“ Мајк по оваа борба, вкупно во кариерата ќе има 50 победи и 7 порази, додека Пол има 11 победи и еден пораз.

Потсетуваме, пред само 10 години Тајсон се соочи со банкрот, па нема сомнеж дека заработката од борбата со Пол ќе му значи многу.

Следната борба на Тајсон ќе биде со братот на Пол?

Враќањето на Мајк Тајсон во рингот речиси 20 години по неговата последна професионална борба се заврши во склад со очекувањата за 58-годишникот, без разлика на тоа колку некогаш бил добар. Триесет и една година помладиот Џејк Пол целосно доминираше во борбата и убедливо победи со едногласна, судска одлука.


По борбата Тајсон беше запрашан дали коленото му предизвикувало проблеми, кое инаку му беше заштитено во текот на борбата. „Да, но не можам да го користам тоа како изговор“, изјави Мајк, кој и покрај поразот не беше незадоволен. „Среќен сум. Дојдов да се борам. Никому ништо не докажував освен на самиот себеси. Јас не сум од оние луѓе кои живеат за да му угодат на светот, само го правам она што можам“, додаде Мајк.

Исто така беше запрашан дали повторно би сакал да се бори против Џејк Пол, а Тајсон покрај тоа што не ја отфрли оваа можност, дури спомна и друга, која веднаш предизвика бурна реакција.

„Не знам, зависи од ситуацијата. Можеби со неговиот брат“, порача Тајсон, а прозваниот брат на Џејк, Логан Пол, поранешен јутјубер кој исто така се занимава со боксот, а кој стоеше на чекор подалеку од Тајсон му одговори: „Ќе те убијам, Мајк“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг