Полицијата се судри со демонстрантите, кои се обидоа да влезат во парламентот во Абхазија

Макфакс

15/11/2024

15:47

213

Големина на фонт

а а а

Приврзаниците на опозицијата и полицијата во Абхазија денеска се судрија кога демонстрантите се обидоа да упаднат во парламентот во главниот град Сухуми.

Полицијата формира кордон за да ги спречи демонстрантите да продолжат кон зградата откога ја урнаа оградата во близина на парламентот.

Во близина на зградата се слушнале звуци слични на истрели, пренесува „РИА новости“.

Демонстрациите избувнаа откога парламентот го откажа разгледувањето на ратификацијата на инвестицискиот договор со Русија, што беше закажано за тој ден.

На таа одлука жестоко реагира опозицијата сметајќи дека одложувањето е чин на политичка отстапка под руски притисок.

Иако беше одлучено дискусијата да се одложи за следната недела, демонстрантите најавија дека немаат намера да се разотидат, а тензијата во главниот град ескалира, стои во написите.

Договорот, кој беше потпишан на 30 октомври во Москва, им овозможува на руските компании да инвестираат во Абхазија, која се соочува со сериозни економски предизвици, посочува агенцијата.

Шефот на комисијата за меѓународни односи на парламентот на Абхазија, Алкас Барциц, претходно изјави дека Абхазија, со оглед на нејзините економски тешкотии, нема да може да најде средства за обнова на клучните сектори во економијата, без помош од Русија.

Протестите почнаа претходно оваа недела кога беше усвоен законот за инвестициите на руските компании во Абхазија.

За време на овие протести имаше и судири со полицијата, при што беа уапсени неколку опозициски активисти.

Како одговор опозицијата блокира три моста што водат кон Сухуми, но протестот беше прекинат кога приведените демонстранти беа ослободени на 12 ноември.



Спонзорирани линкови

Маркетинг