Јапонската принцеза Јурико, најстариот член на царското семејство на Јапонија, почина на 101-годишна возраст.
Јурико почина во болница во Токио, а јапонските медиуми објавија дека таа починала од пневмонија.
Принцезата Јурико е родена во 1923 година, а на 18-годишна возраст се омажила за принцот Микаса, помладиот брат на познатиот јапонски император Хирохито.
„Од почетокот на бракот, принцезата Јурико го поддржуваше принцот Микаса и како член на царското семејство придонесе за широк спектар на области како што се медицинска нега, хуманитарна работа, култура и спорт. Беше особено вклучена во програмата за грижа за мајките и децата“, изјави јапонскиот премиер Шигеру Ишиба.
Јурико претставуваше еден од ретките членови на царското семејство која живеела пред Втората светска војна, а во текот на животот често зборуваше за искуствата од Втората светска војна и ситуацијата во Јапонија пред фрлањето на атомските бомби.
„Младите велеа дека војната треба да продолжи, а принцот Микаса велеше дека е подобро да се прекине. Дискусиите беа толку вжештени што мислев дека ќе пукаат едни на други“, рече Јурико.
По војната, низ семејните неволји и финансиската нестабилност, принцезата напорно работеше да направи дом и да ги подигне своите пет деца.
По војната, принцезата Јурико му се придружи на принцот Микаса во патувањата во т.н хаику собири. Тие го усвоија заедничкиот псевдоним Јукари откако почнаа да пишуваат хаику. Во 1957 година, тие објавија збирка хаику наречена Хатсујуки (Прв снег).
По војната, додека принцот Микаса го продолжи својот пат како историчар, принцезата Јурико стана негов партнер за поддршка. Таа му помагала на својот сопруг во истражувањето на историските места на Блискиот Исток правејќи филмови и слајдови. Ова послужи како вреден материјал за неговите предавања.
Таа го придружуваше Микаса на многу негови меѓународни посети, помагајќи да се воспостават пријателски врски со земји како Шри Ланка и Турција.
Љубовната приказна на Микаса и Јурико често беше застапувана во медиумите, а во 2011 година беше објавена нивната порака по повод 70-годишнината од бракот, каде што ги споделија своите лични размислувања еден за друг.
„Кога ќе погледнам наназад, без сомнение, мојата Јурико ме поддржуваше 70 години. Иако мојата сопруга потекнуваше од благородничко семејство, животот во царското семејство е уште понапорен. Тешкотиите што ги претрпе во управувањето со нашето домаќинство додека бев отсутен беа навистина големи. Не можам да најдам соодветни зборови за да ѝ се заблагодарам за сè“, рече тогаш Микаса.
Еден познаник на принцезата Јурико рече дека таа често сакала да покажува фотографија од младиот принц Микаса како јава коњ.
„Изгледа толку достоинствено, нели?“, ќе речела Јурико.
Принцезата Јурико беше најдолготрајниот член на царското семејство од ерата Меиџи (1868-1912) и нејзината смрт е прва во семејството во последните осум години. Со нејзината смрт, царското семејство се намали на 16 члена.