Со сослушување на родителите на Александар Ѓорчевски, на предлог на Јавното обвинителство во Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното судење поради здравствени причини не дојде сведокот Гоце Трајковски, кој му помагал на Ѓорчевски во потрагата по Вања.
Со сослушување на родителите на Александар Ѓорчевски, на предлог на Јавното обвинителство во Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното судење поради здравствени причини не дојде сведокот Гоце Трајковски, кој му помагал на Ѓорчевски во потрагата по Вања.
Денеска сведочеше сестрата на Александар, Оли Нешковиќ, нејзините родители и синот, како и членови на фамилијата на Гоце Трајковски.
Таа појасни дека секој од присутните помагал на свој начин за да се пронајде Вања.
- Сите баравме на свој начин. Се јавивме во Американска амбасада, за сателитски снимки, во Британска амбасада. Ѕвоневме секаде каде што ќе ни текнеше. Да имав број на Бајден и на Бајден ќе се јавевме. Зорица била кај јасновидец во Србија, тоа го дознав потоа, сведочеше сестрата на Александар.
На прашање на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо до сестрата на Александар, дали била прашана од полицајците, дали има сознанија дека тој бил во врска со мајката на Вања, таа одговори дека ја прашале, но таа одговорила дека нема такви сознанија.
По сведочењето на тетката на Вања, сведочеше и нејзиниот син, Иво Нешковиќ. Тој кажа за барањето на Александар да му пише на Илон Маск да ја најде Вања преку сателит.
- Знаев дека Илон Маск нема да ми одговори на мене, Иво од Скопје. Но, му пишав за да го смирам вујко ми, бидејќи беше во страшна агонија, сведочеше братучедот на Вања, додавајќи дека секако не добил одговор од Маск.
Зоран Ѓорчевски, дедо на убиената Вања Ѓорчевска и татко на обвинетиот Александар Ѓорчевски, денеска во Основниот кривичен суд Скопје одлучи да сведочи како сведок предложен од обвинителството.
Кажа дека е во постојан контакт до мајката на Александар, со која бил разведен 40 години. Кога ѝ се јавил на 27 ноември 2023 година, поранешната сопруга и баба на Вања, таа плачела. Му рекла, ја нема Вања.
Му се јавил и на синот, истото и тој му го кажал. На прашање, одговори дека и Гоце Трајковски, со кои Ѓорчевски биле во старо кумство, учествувал во потрагата.
Пред да се случи настанот, син му Александар не работел 2 месеца, кажа сведокот.
„Имаше проблем со зависности, беше на лечење и потоа се ожени”, одговараше на прашања на обвинителката.
Потоа сведочеше Иванка Ѓорчевска, бабата на Вања и мајка на обвинетиот Александар Ѓорчевски.
Таа кажа дека Александар живеел со неа од разводот во 2018 година. Таа кажа дека кога се случи грабнувањето и убиството на Вања, тој не работел цела 2023 година. А и дека не работел кога се родиле децата, ги чувал. На прашање од што се издржувал, неговата мајка кажа дека помагала големата нивна фамилија.
И таа кажа дека бил зависник од дрога. Но, дека се излечил. Тоа било пред 20-тина години.
„На 27 ноември му се јави Зорица, му кажа дека Вања ја нема. Тој се облече и истрча од дома”, кажа сведокот.
Кираца Трајковска и нејзиниот син Гоце, кумови со семејството на грабнатата и свирепо убиена Вања Ѓорчевска, се првите кои ги поврзале исчезнувањата на Панче Жежовски и на Вања, според нејзиното сведочење денеска во Основниот кривичен суд.
Трајковска за исчезнувањето на Вања рече дека дознала од Фејсбук. Веднаш го известила синот Гоце Трајковски, кој требаше да сведочи денеска, но доби паничен напад.
Таа вечерта на 27 ноември им се јавила на родителите на Вања. Им предложила синот Гоце да дојде да им помогне во потрагата по малата кума Вања.
Ги споила Гоце и Александар, зашто тие не биле во редовна комуникација како нивните родители.
Гоце барал по кафулиња, влегол во распаднати куќи. Одел по куќи и по згради, гледал камери каде имало. Земале снимки, потоа ги гледале. Сведокот за тоа време била во Белград, кај ќерката.
„Тој забележал дека девојчето се губи во зградата. На аголот имало некои 10 метри кои камерите не ги покриваат. Но, никаде Вања не ја виделе пешки”, сведочеше таа.
Третиот ден гледале движење на коли. Синот Гоце на снимката препознал по издувните гасови дека тргнува кола. Александар рекол нема шанса Вања да влегла во оваа кола. На снимката се видело дека поминало и пикап возило.
Потоа разбрале дека го нема и Панче Жежовски. Се јавила кај своите роднини во Велес, ѝ кажале дека таа е колата за која прашуваат, од која на снимките пред зградата на Вања се испуштале издувни гасови, како да тргнува.
Прашала само дали тој исчезнатиот Панче (додека сè уште не бил најден мртов), има старо сиво возило. Добила потврден одговор на тоа што интуитивно се посомневала дека може тој човек ја грабнал Вања.
По овој заклучок, Гоце снимките ги дал во МВР.
На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.