Пленковиќ за апсењето на министерот за здравство: „Јас сум згрозен, ова е предавство“

Макфакс

15/11/2024

13:11

256

Големина на фонт

а а а

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска по повод апсењето и разрешувањето на министерот за здравство Вили Берош изјави дека е згрозен и дека надлежните органи имаат целосна поддршка од него и од неговата Влада.

„Лично сум згрозен што некој би искористил позиција за лично богатење, тоа е незаконски чин на министерот и некои други. Здравството е особено чувствителна тема за сите граѓани. На Берош му беше доверено да се грижи за здравствениот систем и здравјето на граѓаните и да управува со ресурсите на легален начин. Ниту тој, ниту некој друг не добиле мандат за злоупотреба на системот“, изјави Пленковиќ на новинарите.

Тој исто така посочи дека ова може да се смета за чин на предавство.

Пленковиќ рече дека за секое вакво однесување на правосудните органи, колку и да се непријатни за Владата во моментов, тие ја имаат целосната поддршка од извршната власт и нивната поддршка.

„Граѓаните знаат дека ние како Влада нема да заштитиме никого од кривично гонење, без разлика за кого станува збор“, рече Пленковиќ и додаде дека ако се докаже дека овие обвинувања против Берош се точни, тој тоа го гледа како личен чин на предавство.

Тој додаде дека на коалициониот состанок било констатирано дека Владата ужива поддршка за работа на теми многу поважни за граѓаните и економијата на државата.

Пленковиќ рече и дека нема сознанија за евентуална штета предизвикана од коруптивните активности за кои се обвинети Берош и други.

Пленковиќ уште еднаш даде целосна поддршка на ДОРХ и другите надлежни органи, оценувајќи ја општата моментална состојба како многу лоша.

Хрватските медиуми пишуваат дека првоосомничен е контроверзниот претприемач Хрвоје Петрач. Но, тој не е уапсен и моментално не е во Хрватска.

„Јутарњи лист“ наведува и дека Берош е обвинет за земање поткуп од 25.000 евра за набавка на спорни апарати за вкупно 75.000 евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг