Веќе е познато дека херпес, симплекс вирусот од типот 1 („HSV – 1“), којшто го предизвикува херпесот може да го инфицира мозокот и централниот нервен систем. Меѓутоа новото истражување нуди нови сознанија околу како се шири овој вирус и како ги напаѓа овие делови на човековото тело.
Студијата која ја предводеа истражувачите од универзитетот во Колорадо и универзитетот во Бургонија во Франција, спроведе детална анализа на ефектот на вирусот херпес симплекс („HSV – 1“) врз мозоците на глувците, мапирајќи ги зафатените делови од мозокот и проценувајќи ги потенцијалните последици од тие инфекции.
Херпесот може да навлезе во централниот нервен систем на два начини: по пат на тригеминалниот или олфакторниот нерв. Меѓутоа сè уште не е потполно јасно како понатаму се шири инфекцијата во рамките на мозокот.
„Овој вообичаен вирус сега се поврзува со невродегенеративните болести како што е алцхајмеровата болест, но сè уште не е утврден начинот на кој влегува во централниот нервен систем“ – вели неврологот Кристи Нимајер од универзитетот во Колорадо.
Херпесот останува во клучните области на мозокот
Тимот истражувачи откри дека „HSV-1“ останува во неколку клучни области на мозокот, вклучувајќи го и мозочното стебло (кое е одговорно за основните функции како што се чукањето на срцето, дишењето, спиењето и движењето) и хипоталамусот (кој ги регулира функциите како што се спиењето, расположението апетитот и хормоните).
Од друга страна, некои области на мозокот, како што е хипокампусот (кој е важен за меморијата и често поврзан со Алцхајмерова болест) и кортексот (кој е одговорен за меморијата и вниманието), останаа незасегнати од присуството на „HSV-1“.
Херпесот може да влијае врз функционирањето на мозокот
Истражувачите исто така ги истражуваа активностите на микроглија клетките кои се наоѓаат во централниот нервен систем. Притоа открија дека овие клетки биле активирани и предизвикувале воспаление на мозокот кај глувците кога дошле во контакт со „HSV – 1“.
Во некои делови од мозокот, микроглијата останала активна дури и откако вирусот исчезнал, што укажува на постоење на хронични воспаленија. Иако во текот на истражувањето не дошло до развој на сериозни состојби како што е енцефалитисот (воспаление на мозокот) кој може да биде опасен по живот, резултатите сугерираат дека „HSV – 1“ може да предизвика оштетување и да влијае врз функционирањето на мозокот.
„Иако присуството на „HSV-1“ не предизвикува целосен енцефалитис, тој може да влијае врз функцијата на погодените делови на мозокот“, вели Нимајер.
Херпесот е поврзан со Алцхајмерова болест
Една од можните претпоставки е дека воспалението предизвикано од „HSV“ и активирањето на микроглијата можат да бидат дел од причината поради која се развива Алцхајмеровата болест како и причината за нејзиното влошување кај одредени луѓе.
Ова откритие е особено значајно бидејќи покажува каде се преклопуваат областите на мозокот погодени од „HSV-1“ и од Алцхајмерова болест.
„Упорното воспаление во клетките може да предизвика хронично воспаление, кое е познато како „тригер“ за многу невролошки и невродегенеративни болести“ објаснува Нимајер.
„Ова истражување нуди важен увид во тоа како вирусите влијаат врз здравјето на мозокот, како и врз развојот на невролошките болести“, додава Нимајер.