Бегство од автомобилските сирени и градскиот метеж: Пет дестинации кои претставуваат прибежиште за љубителите на мирот и тишината

Точка

26/12/2024

20:36

1.133

Големина на фонт

а а а

Идејата за годишен одмор сè почесто подразбира бегство од бучните урбани средини во мирните засолништа на природата, покажуваат трендовите на социјалните мрежи.

Според извештајот на платформата „Пинтерест“, бројот на пребарувања за „тивки“ и „мирни“ места се зголемил за 50 односно 42 отсто од 2023 година, а корисниците сè повеќе се интересираат за шумски прошетки, планински колиби и островски одморалишта.

Желбата да се избега од градскиот метеж не е површен каприц. Загадувањето со бучава, кое Светската здравствена организација го дефинира како „несакан или штетен звук во животната средина, предизвикан од човечка активност“, може да предизвика здравствени проблеми, вклучувајќи нарушувања на спиењето и висок крвен притисок.


Нивоата на бучава постојано се зголемуваат ширум светот, а повеќе од 40 отсто од луѓето во Европа се изложени на нивоа на сообраќајна бучава кои се сметаат за штетни.

„Добар дел од нашиот секојдневен живот е исполнет со бучава и пречки кои не можеме да ги контролираме“, вели Грег Скот, основач на „SoundPrint“, апликација која го мери нивото на звук во градовите.

„Тивките одмори можат да бидат знак дека луѓето сакаат одмор од целата таа врева“, додава тој.

Во продолжение потивки дестинации, каде посетителите можат да уживаат во вистинска тишина.

Поуис, Велс, Велика Британија

Зеленило, мочуришта и антички археолошки локалитети го прават Поуис една од најдобрите тивки дестинации во Европа, каде што има многу нешта да се видат и доживеат.

Минатата година ова гратче беше прогласено за „најдобро за мир и тишина“ во истражувањето спроведено од веб-страницата за резервации на сместувања „Cottages“, кое ја зема предвид густината на населеноста и бројот на мирни атракции.



Со оглед на тоа дека таму живеат само 26 луѓе на квадратен километар, тишината е речиси загарантирана.

Исто така Поуис се смета за место со мало светлосно загадување, па така тука можете да уживате во глетката на ноќното небо, но секако доколку времето го дозволува тоа.

Цирих, Швајцарија

Цирих е голем град, но сè уште е далеку од хаосот кој владее во повеќето урбани средини. Се смета за најмалку загадениот град во светот, што го покажа компанијата „Мими“, која произведува слушни помагала, врз основа на податоците презентирани од Светската здравствена организација.



Планините покриени со снег, мирните езера и улиците каде што можете да пешачите кога сакате, исто така, го прават Цирих еден од најдобрите градови за живеење во светот.

Парк дел Монтнегре, Шпанија

Сместено во масивот Монтнегре, големото заштитено подрачје во близина на Барселона, овој планински терен се смета за првиот урбан тивок парк во Шпанија.



На околу 40 минути возење од милионскиот град, се наоѓа простор од 15 хектари со борова шума и средновековни цркви.

Островите Бохуслен, Шведска

На крајниот север од западниот брег на Шведска се наоѓа една од традиционалните провинции, која се смета за една од најтивките области во Европа, според списокот на Европската агенција за животна средина.


Оваа област, освен по цртежите од бронзеното време, е позната и по повеќе од 8.000 острови, со карактеристични црвени куќи.

Дождовната шума Хох, Вашингтон

Едно од најтивките места во светот е дождовната шума Хох на западот на американската држава Вашингтон, која е под заштита на САД.



Се смета за најтивко засолниште, според изборот на Фондацијата „One Square Inch of Silence“, а од 2005 година го одржува статусот на зона ослободена од звучно загадување и сообраќај.