Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја избра гувернерката на Јужна Дакота Кристи Ноем за министерка за безбедност, а републиканскиот претставник Мајк Волц за советник за национална безбедност, додека се очекува дека ќе го назначи сенаторот Марко Рубио за државен секретар, пренесуваат американските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори.
Ноем, кој порано се сметаше за потенцијален потпретседателски кандидат на Трамп, моментално го извршува вториот четиригодишен мандат како гувернерка на Јужна Дакота по убедливата победа во 2022 година. Инаку на национално ниво, таа стана позната откако одби да воведе задолжително носење маска во нејзината сојузна држава во текот на пандемијата на Ковид-19.
Ноем се соочуваше со неколку политички турбулентни месеци пред одбрана за новата функција од страна на Трамп. Имено во април таа беше критикувана поради еден дел од нејзините мемоари во кој напиша дека го застрелала и го убила своето 14-месечно куче, кое го „мразела“ затоа што не можело да се дресира и се однесувало агресивно.
Таа сега ќе го води Министерството за домашна безбедност, задолжено за прашања како што се граничната безбедност, имиграцијата, одговорот на земјата во случај на катастрофи и разузнавачката заедница.
Во понеделникот Трамп одлучи на Том Хоман да му го додели секторот за гранична безбедност на и борба против илегалните имигранти. Додека Хоман најави дека негов приоритет ќе биде депортацијата на илегалните мигранти кои претставуваат закана за националната безбедност.
Трамп го избра Мајк Волц, републикански член на Долниот дом на Конгресот, за свој советник за национална безбедност. Тој е политичар кој му е лојален на новиот претседател, а порано бил полковник во Националната гарда. Волц е критичен кон активностите на Кина во азискиот пацифик и предупредува дека САД мора да се подготват за можен конфликт во тој регион.
Советникот за национална безбедност е важна позиција за која не е потребна потврда од Сенатот. Волц ќе го информира Трамп за клучните закани за националната безбедност и ќе ги координира различните американски агенции. Новиот советник на претседателот смета дека дел од „безбедносниот естаблишмент е закопан во лоши стари навики“ и дека затоа им треба некој како Доналд Трамп кој ќе ги „размрда“.
Во врска со Украина, Волц кажа дека неговите ставови се менувале. По почетокот на руската офанзива во 2022 година, тој ја повика владата на Џо Бајден да го снабди Киев со дополнително оружје, но на митингот минатиот месец, Волц кажа дека САД мора да ги преиспитаат своите цели во Украина.
„Дали е тоа во американски интерес? Дали ќе го даваме нашето време, финансии и ресурси кои сега нѝ се очајно потребни во Пацификот?“, праша Волц тогаш.
Неименуваните извори за американските медиуми изјавиле дека Трамп размислува да го одбере сенаторот од Флорида Марко Рубио за државен секретар (министер за надворешни работи). Доколку го одбере тој ќе стане првиот латиноамериканец на чело на американската дипломатија.
Рубио претходно се залагаше за построг став на САД кон геополитичките непријатели, вклучувајќи ги Кина, Иран и Куба, островот од каде потекнува неговото семејство.
Во последните години, тој ги ублажи некои од своите ставови, приближувајќи ги до Трамп, кој верува дека претходните американските претседатели ги воделе САД во скапи и залудни војни и повикува на повоздржана надворешна политика.
Во текот на предизборите за републикански претседателски кандидат во 2016 година, Трамп го навредуваше Рубио, тврдејќи дека тој премногу се поти и дека како таков не може да биде некој кој може да седне на иста маса со светските лидери како што е Владимир Путин.
Инаку новоизбраниот претседател е познат по тоа менувањето на ставовите во последен момент, меѓутоа изворите тврдат дека Трамп во понеделникот навистина се одлучил за 53-годишниот Рубио.
Сенаторот во неодамнешните интервјуа изјави дека Украина треба да се договори со Русија наместо да се фокусира врз враќањето на нејзината територија изгубена во текот на руската агресија.
Рубио исто така беше еден од 15-те републикански сенатори кои се спротивставија на пакетот воена помош за Украина од 95 милијарди долари, кој беше усвоен во април.