Сведочи тетката на Вања: Александар барал да му се пише на Илон Маск за да ја најдат преку сателит - „Не знам како да го исконтактирам“

Точка

13/11/2024

11:32

4.111

Големина на фонт

а а а

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје за двојното убиство на Вања и Панче, сведочеше Маја Спировска, братучетка на мајката Зорица Ѓорчевска.

Таа изјави дека сите биле во паника, сите ја барале Вања.


„Имаше колешки од кај Зорица на работа, има и инспектори. Гледавме и некои снимки. Таму беше и Гоце. Така констатиравме дека е земена од пред врата, бидејќи на ниту една снимка не се гледаше дека таа излегла од зградата. Гоце во еден момент го откри Цитроенот, тој дојде во дневна и ми кажа. Тој рече дека имаме трага, ми го покажа возилото и ми рече дека го бараат возилото на Панче од Велес по Фејсбук. Ние тогаш мислевме и баравме дали тој можеби е некој педофил или слично, или некој со кој контактирала Вања. Мислам дека имаме некаква трага, можно е. Тој не знаеше дека директно е поврзана со Вања, тој мислеше дека тој лично човек дошол и дека ја земал Вања. Имаше еден човек кој гледаше кон зградата, со мобилен телефон и потоа доаѓа кола со БМВ и го зема. Но нам тогаш не ни беше јасно ниту пак се сомневавме дека станува збор за организирано грабнување“, вели Маја во своето сведочење.


Во еден момент таткото ѝ рекол на братучетката да му прати порака на Илон Маск, што нејзе ѝ било многу чудно.

„Јас немав многу контакт со таткото на Вања, тој излегуваше, влегуваше, беше вознемирен… Тој цело време ѝ велеше на Зорица дека ќе ја најде Вања. Не зборував директно со него на оваа тема, јас повеќе бев со Зорица. Едно време рече „на Илон Маск треба да пратам порака, за да ја најде по сателит. Јас не знам како да исконтактирам со Илон Маск“. Јас не сум ја видела пораката која Александар ја испратил во групата на училиште, но ми кажаа дека пишувало: Вратете го детето ќе ви дадам пари. Потоа јас видов само дека пораките се избришани. Јас го познавам лицето кое ми ја покажа пораката“, изјави Спировска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг