Пикси трет пат одбиен од голема ѕвезда во српскиот тим: Не може со сила да го носите во репрезентацијата

Дерби

11/11/2024

13:50

4.684

Големина на фонт

а а а

Драган Стојковиќ успеа да ги врати Александар Митровиќ и Душан Влаховиќ во српската репрезентација откако и двајцата ги пропуштија септемвриските натпревари, но популарниот Пикси нема ист резултат кога е во прашање Сергеј Милинковиќ Савиќ.

Популарниот „СМС“ останува недостапен за националниот тим трет месец по ред, а како што стојат работите, негов последен настап за националниот тим во 2024-та година ќе биде оној на Европското првенство.

Пикси денеска на соочувањето со новинарите истакнал дека се радува на враќањето на Влаховиќ од Јувентус, со надеж дека истото ќе се повтори и со Сергеј на стартот на 2025-та година.

– Со Сергеј имав три разговори во последните 15 дена. Во тие разговори ми нагласи дека има психолошка блокада и дека му е потребно време пред да се врати во репрезентацијата. Еден ден ќе одговори на повикот, но во овој момент тоа не е случај. Тој ми потенцираше дека проблем не е селекторот, репрезентацијата или било кој друг. Психолошки не е подготвен да игра и тоа е тоа. Тој имаше доста непријатности по Европското првенство, но ако некој имаше непријатности, тоа сум јас.

– Бев напаѓан, плукан во јавноста, но тоа не се работи поради кои треба да се предадеш. Треба да се покаже карактер и да продолжи да се бори. Тој ќе дојде на свое еден ден, најверојатно ќе ни се врати во март. Јас ќе завршам тука, најдобро е тој да објасни зошто не може да дојде. Се обидов да го разубедам, но не може некој да доведете со сила во репрезентацијата.

– Добра вест за нас е што ни се враќа Влаховиќ. Бевме трпеливи со него и сега е подготвен. Ги почитував причините поради кои не доаѓаше, но не навлегував во тоа. Имаше приватни причини, а јас не прашувам за приватни работи. Тоа е прашање на култура, – потенцира Пикси.

Србија во ноемврискиот циклус ќе одигра два натпревари во Лигата на нации, еден против Швајцарија и еден против Данска.