Трогателен извештај на ОН: 70% од убиените во Газа се жени и деца, најмалата жртва било бебе старо еден ден

Точка

08/11/2024

19:52

443

Големина на фонт

а а а

Канцеларијата на ОН за човекови права денес, соопшти дека речиси 70 отсто од смртните случаи кои таа ги потврдила во војната во Газа се жени и деца, осудувајќи го, како што го нарече, систематското кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.

Извештајот на ОН ги опфаќа првите седум месеци од конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа кој започна пред повеќе од една година.


Бројката од 8.119 жртви која ја потврди канцеларијата за права ОН за човекови права, а која се однесува на период од седум месеци, значително е помала од бројката од 43.000 која ја споделија палестинските здравствени власти, и која се однесува на 13 месечниот конфликт. Меѓутоа, анализата на ОН во однос на возраста и полот на жртвите го поддржува палестинското тврдење дека жените и децата претставуваат голем дел од убиените во војната.

Ова откритие укажува на „систематско кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи го диференцијата и пропорционалноста“, се вели во соопштението на Канцеларијата за човекови права на ОН.


„Од клучно значење е да има соодветна пресметка во однос на наводите за сериозно кршење на меѓународното право по пат на веродостојни и непристрасни правосудни тела и во меѓувреме да се соберат и зачуваат сите релевантни информации и докази“, изјави Волкер Турк, високиот комесар за човекови права на Обединетите нации.


Израел тврдеше дека приближно по еден цивил бил убиен за секој борец на Хамас, и ја обвини оваа вооружена група дека ги користи цивилните објекти. Меѓутоа Хамас негираше дека користи цивили и цивилна инфраструктура, вклучително и болници, како жив штит.

Најмалата жртва чија смрт ја потврдија набљудувачите на ОН е момче старо еден ден, а најстарата жртва е 97-годишна жена, се вели во извештајот на ОН.


Севкупно, децата претставуваат 44 отсто од жртвите, при што децата на возраст од пет до девет години ја претставуваат најголемата поединечна возрасна категорија, а потоа следат оние на возраст од 10 до 14 години, и оние на возраст до четири години, пренесува „BBC“.

Ова во голема мера ја одразува демографијата на појасот Газа, за која во извештајот се вели дека е одраз на очигледниот пропуст да се преземат мерки на претпазливост со цел да се избегнат цивилни жртви.


Извештајот покажа дека во 88 отсто од случаите пет или повеќе луѓе биле убиени во рамки на ист напад, што укажува на тоа дека израелската војска употребувала оружје кое ефикасно може да опфати поширок простор, иако се вели дека некои смртни случаи можеби биле резултат на погрешно лансирани проектили од страна на палестинската вооружена група.



Спонзорирани линкови

Маркетинг