Доналд Трамп вети дека на првиот ден од неговото претседателствување ќе ја започне најголемата операција за депортирање на илегални имигранти во историјата на САД. Меѓутоа тоа не е толку едноставно.
„Реториката е една работа“, вели Стивен Јеил-Лоер, професор по имиграциско право на Универзитетот Корнел. „Вистинската реализација е нешто друго“, додава професорот.
„Уставот предвидува прецизно определен процес за сите во земјата, не само за граѓаните на САД, така што Трамп не може да собере луѓе и да ги испраќа надвор од земјата следниот ден“, изјави Јеил-Лоер за „AFP“. „Во нашите имиграциски судови веќе има заостанати повеќе од 3,6 милиони предмети“.
Освен правните и хуманитарните прашања, масовната депортација на милиони луѓе би барала огромни буџетски и економски трошоци, а исто така би била логистичка ноќна мора.
Арон Рајхлин-Мелник, виш соработник во Американскиот совет за имиграција („AIC“), изјави дека во моментов има околу 13 до 15 милиони илегални имигранти во Соединетите држави, а реалноста на масовната депортација е комплицирана.
„Претседателот може значително да го зголеми спроведувањето на имиграциските мерки, но САД во моментов немаат способност да соберат и депортираат милиони луѓе“, вели Рајхлин-Мелник за „AFP“.
„Тоа ќе бара вработување на десетици илјади нови агенти и персонал и ќе бара од САД да изградат стотици нови центри за притвор и стотици нови судници.
Рајхлин-Мелник исто така кажа дека не е јасно дали Конгресот ќе биде подготвен да потроши буџетски пари кои би биле потребни за депортација на милиони луѓе.
„За да се реализираат депортациите Конгресот би требал да ѝ даде на администрацијата десетици милијарди, па дури и стотици милијарди долари“, додаде Рајхлин – Мелник.
Економскиот ефект
Масовните депортации, исто така, би имале значително влијание врз економијата на САД, особено градежниот, земјоделскиот и угостителскиот сектор.
„Недокументираните имигранти се клучен дел од американската економија“, вели Рајхлин-Мелник.
„Доколку овие луѓе ги напуштат работните места поради страв или затоа што ќе бидат депортирани, тоа ќе предизвика значителен недостиг на работна сила и зголемување на инфлацијата како и зголемување на цената на стоките“, додаде тој.
Студијата на „AIC“ покажа дека масовната депортација би го намалила американскиот бруто-домашен производ (БДП) за 4,2 до 6,8 проценти и ќе ги намали приходите од федералните, државните и локалните даноци.
Рајхлин-Мелник смета дека првото нешто што ќе го направи Трамп откако ќе ја преземе функцијата, ќе биде ограничувањето на легалната имиграција.
„Тоа беше забраната за муслиманите, или забраната за патувања од неговиот прв мандат. Со забраните за патувања, веројатно ќе има дополнителни одбивања на визите“, вели Рајхлин-Мелник.
Трамп исто така вети дека веднаш ќе ја прекине хуманитарната програма за влез која им овозможи на граѓаните на Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела легално да се населат во САД.
„И како што видовме во текот на неговиот прв мандат, неговата администрација е многу подготвена да исфрли стотици илјади луѓе од правниот статус“, додава Рајхлин-Мелник.
Покрај завршувањето на ѕидот долж границата меѓу САД и Мексико, поранешниот републикански претседател исто така предложи да им се даде на американските војници поголема улога во надзорот на граница.