Познато е кога „паѓа“ владата на Олаф Шолц? Овој човек многумина го гледаат како нов германски канцелар, а притоа тој има неочекувани сојузници

Точка

07/11/2024

21:15

2.917

Големина на фонт

а а а

Германската опозиција бара од канцеларот Олаф Шолц итно гласање за доверба на владата во Бундестагот.

Фридрих Мерц, лидерот на германската опозиција и лидер на Христијанско-демократската унија („CDU“), побара одржување на предвремени избори веќе во јануари, а по распадот на владејачката коалиција на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц.

Фајненшл тајмс (ФТ) пишува дека Мерц предупредил оти Германија не смее да ризикува да влезе во долг период на политичка нестабилност.


Првиот човек на „CDU“ го порачал ова неколку часа откако Шолц ја „растури“ тричлената коалиција со разрешувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер, лидерот на Слободната демократска партија („FDP“).

ФТ известува дека потегот на Шолц бил кулминација на долготрајните спорови во рамки на германската влада околу водењето на економската политика.

Германските власти денес објавија дека Линднер ќе биде заменет со Јерг Кукис, поранешен банкар на „Голдман Сакс“, кој беше еден од најблиските советници на Шолц во последните шест години.


Доцна синоќа, при најавата за разрешување на Линднер, Шолц изјави дека ќе закаже гласање за доверба на неговата влада во Бундестагот за 15 јануари 2025 година, што ќе го отвори патот за одржување на предвремени избори во март.

Меѓутоа, Мерц порача дека „нема причина“ толку долго да се чека за тоа. Тој изјави дека неговата парламентарна група, која ги вклучува и претставници во на баварската Христијанско-демократска унија („CSU“) во Бундестагот – сестринската партија на „CDU“, едногласно одлучиле да побараат од Шолц „веднаш, а најдоцна на почетокот од следната недела“ гласање за доверба на владата односно за нејзина смена.

На овој начин предвремените избори би можеле да се одржат кон средината на јануари следната година.


„Важно е на гласачите брзо да им ја вратиме одговорноста за составот на германскиот Бундестаг“ изјави Мерц, кој многумина го гледаат како нов германски канцелар.

Тој додаде дека Германија се соочува со „цела низа обврски, конференции, одлуки во рамките на Европската унија за кои е неопходна влада (во Берлин) која е способна да дејствува“.

„Ние едноставно не можеме да си дозволиме себеси неколку месеци да имаме влада без парламентарно мнозинство во Германија, а потоа да имаме повеќемесечна изборна кампања, а можеби и повеќенеделни преговори за формирање на владејачката коалиција. Работите мора се одвиваат побрзо“, додаде Мерц.

Дојче Веле пренесува дека и други опозициски политичари побарале од Шолц веднаш да се гласа за доверба на владата во Берлин, а не во јануари како што тој предложи.


Маркус Зедер, лидер на „CSU“ и премиер на Баварија, на социјалната мрежа „Х“ напиша дека „семафор – коалицијата на „црвените“ социјалдемократи на Шолц со „жолтите“ либерали и Зелените) замина во историјата“.

„Сега веќе не може да се губи време. На Германија брзо ѝ се потребни нови избори и нова влада“, порача Зедер.


Кон барањата за гласање за доверба на владата, се приклучи и ултрадесничарската Алтернатива за Германија („AfD“), која го нарече распадот на коалицијата на Шолц „ослободување“ на земјата.

Алис Вајдел и Тино Хрупала, лидерите на парламентарната група на „AfD“ во Бундестагот, побараа нов политички почеток за земјата кој ќе се спроведе брзо и темелно.