Закерберг слави: Со новиот проект се заканува дека ќе го прегази поранешен „Twitter“, му диши во врат на „Х“ на Маск

Точка

05/11/2024

22:26

7.290

Големина на фонт

а а а

Најновите бројки покажуваат пораст од 175 проценти на „Threads“ во споредба со минатата година кога имаше 100 милиони корисници.

Апликацијата „Threads“, конкурент на апликацијата „X“ на Илон Маск, сега има речиси 275 милиони месечни корисници, изјави во средата извршниот директор Марк Закерберг.

„Продолжуваме да работиме кон целта да ја направиме оваа наша следна главна социјална апликација“, рече Закерберг во разговор со аналитичарите, додавајќи дека е „многу задоволен“ од насоката на развојот на апликацијата, пренесува „CNBC“.


Последните бројки покажуваат дека „Threads“ забележала раст од 175 проценти во однос на минатата година кога достигна 100 милиони корисници. Апликацијата исто така порасна за 200 милиони месечни активни корисници според извештајот за вториот квартал на „Meta“ во јули. Закерберг рече дека „Threads“ добива повеќе од милион нови корисници секој ден.

„Threads“ беше лансиран во јули 2023 година како ривал на „X“, кој Маск го купи во октомври 2022 година за 44 милијарди долари.


„X“ сè уште има повеќе корисници од „Threads“, но јазот се намалува. Апликацијата на Маск сега има приближно 318 милиони месечни корисници, според „Sensor Tower“, што е пад од 24 отсто откако Маск ја презеде компанијата.

„Threads“ би можеле да и дадат на „Meta“ повеќе простор за прикажување реклами на корисниците. Рекламите учествуваа со 98,3 отсто од вкупните приходи на „Meta“ во третиот квартал.


„Во однос на монетизацијата, не очекуваме дека „Threads“ значително ќе придонесе за приходите во 2025 година. Многу сме задоволни од развојот и фокусирани сме на воведување работи кои заедницата ги смета за корисни“, изјави главниот финансиски директор Сузан Ли.

Аналитичарите од „Bernstein“ во средата коментираа дека растот на „Threads“ дава многу причини за возбуда.


„Иако „Meta“ не очекува „Threads“ значително да придонесе за приходите до 2025 година, очекуваме рекламите да се појават и да се развиваат на „Threads“ веќе следната година“, напишаа аналитичарите од „Bernstein“.

„Meta“, исто така, објави дека бројот на дневни активни корисници на нејзините платформи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм и други, се зголемил за 5 отсто на годишно ниво на 3,29 милијарди. Оваа бројка е сепак помала од очекувањата на аналитичарите од 3,31 милијарди.


Акциите на „Meta“ се затворија со пад од 4 отсто минатиот четврток.

„Многу сме фокусирани на понатамошниот развој на функционалноста на „Threads“ и одговарање на повратните информации од корисниците“, рече Ли.