Јужнокорејските научници развија робот лесен за носење кој може да им пријде и да ги обгрне параплегичарите, овозможувајќи им да одат, да преминуваат пречки и да се качуваат по скали. Тимот од Лабораторијата за егзоскелет при Корејскиот напреден институт за наука и технологија (КАИСТ) рече дека нивната цел е да создадат робот кој беспрекорно ќе се интегрира во секојдневниот живот на лицата со инвалидитет.
Ким Сеунг Хван, кој и самиот е параплегичар и е дел од тимот на КАИСТ, демонстрираше прототип кој му помогна да оди со брзина од 3,2 километри на час, да се качува по скали и да направи странични чекори за да се спушти на клупа.
„Може да ми пријде каде и да се наоѓам, дури и кога седам во инвалидска количка и да ми помогне да станам, што е една од неговите најважни карактеристики“, рече Ким.
Моторите ги симулираат движењата на човечките зглобови
Погонскиот егзоскелет, наречен „WalkON Suit F1“, е направен од алуминиум и титаниум. Тежи 50 килограми и се напојува со 12 електронски мотори кои симулираат движења на човечки зглобови при одење.
Парк Јеонг-Су, друг член на тимот на КАИСТ, изјави дека бил инспириран од филмот „Iron Man“. „Откако го гледав Iron Man, помислив колку би било прекрасно кога би можел со робот да им помагам на луѓето во реалниот живот“, рече тој.
Го освои златниот медал со помош на роботот
„Со цел да се обезбеди рамнотежа на корисникот при одењето, роботот е опремен со сензори на стапалата и во горниот дел од телото. Тие собираат 1000 сигнали во секунда и ги предвидуваат саканите движења на корисникот. Леќите на предниот дел на роботот работат како очи кои ја анализираат околината, ја идентификуваат висината на скалите и ги детектираат пречките со цел да се компензира недостатокот на сетилни способности на корисниците со целосна параплегија“, објасни Парк.
Ким Сеунг-Хван освои златен медал носејќи го „WalkON Suit F1“ во категоријата егзоскелет на „Cybathlon 2024“, каде што програмерите со различни физички недостатоци демонстрираа помошни роботи во осум категории.