Во едно неодамнешно интервју за "Bloomberg", поранешниот извршен директор на "Microsoft", Стив Балмер, зборуваше за тоа како правеле интервјуа за работа во една од најпознатите технолошки компании во светот. Балмер, кој беше на чело на "Microsoft" од 2000 до 2014 година, откри едно од трик-прашањата што им ги поставувал на кандидатите за работа и објаснил каков одговор бара. Целта на ова прашање не била само да се тестира размислувањето на кандидатот, туку и способноста за донесување стратешки одлуки – клучна карактеристика што Балмер ја сметал за важна за успех во технолошката индустрија.
Ги оценувал вештините за размислување и одлучување
Балмер рече дека на сите кандидати им го поставувал истото трик прашање за време на интервјуата за да ги процени нивните вештини за размислување и одлучување. Прашањето гласело вака: „Размислувам за број меѓу еден и сто. После секој обид ќе ви кажам дали бројот е превисок или пренизок. Ако погодите при првиот обид, добивате пет долари, па четири, три, два, еден, и ако на крајот не погодите, ќе ми дадете долар, два“.
Оваа игра имала за цел да ја процени способноста на кандидатот да размислува стратешки. На пример, Балмер ја играл оваа игра со водителката на "Bloomberg", Емили Чанг, која тргнала стратешки – прво погодувајќи го бројот 50, а на крајот, по седум обиди, таа го погоди бројот на Балмер, кој беше 59.
Која е целта на прашањето?
Но, Балмер не ги прашал кандидатите само да ја погодат бројката. Она што особено го интересирало е дали кандидатите го разбираат поширокиот контекст на играта. Имено, доколку сакаат да обезбедат победа, кандидатите треба да разберат дека веројатноста за губење е поголема од веројатноста за победа, бидејќи има многу повеќе бројки на кои можат да загубат отколку оние на кои можат да победат. Целта на прашањето била да се види дали кандидатите пред да започнат ќе проценат дали воопшто вреди да се игра.
Чанг потоа праша: „Значи, треба да кажам дека не сакам да ја играм играта?“ Балмер ѝ навести дека токму тоа е вистинскиот одговор, односно да сфати дека играта има негативен очекуван исход. Во една прилика, се сеќава Балмер, кандидатот веднаш ја пресметал очекуваната вредност на играта на хартија и изјавил дека играта не вреди, што е правилен заклучок. Така, Балмер добил увид во способноста на кандидатот да размислува „надвор од кутијата“ и вештината да ги анализира проблемите пред да донесе одлука.
На крајот, Балмер објасни дека неговата цел била да процени колку добро кандидатите ја разбираат анализата на ризик и донесувањето одлуки, вештини кои се клучни за успехот во динамичен технолошки свет.