Пред 12 милиони години постоел предатор кој шетал во Јужна Америка, огромна птица што не лета позната како „терор птица“. Сега палеонтолозите пронајдоа нови траги од ова застрашувачко суштество.
Тим научници анализирале фосилизирана коска стара 12 милиони години, откриена во колумбиската пустина Татакоа пред околу дваесет години. Станува збор за фосилизирана коска од ногата, која припаѓа на веројатно една од најголемите „терор птици“ досега.
Остатоците од оваа изумрена џиновска месојадна птица нудат нови сознанија за јужноамериканските екосистеми.
„Терор птиците живееле на земја, имале екстремитети прилагодени за трчање и најчесто јаделе други животни“, вели Сиобан Кук, вонреден професор по функционална анатомија и еволуција на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Миоценската коска го проширува познатиот северен опсег на овој вид птица во Јужна Америка. Иако фосилот на коскената нога на птицата беше откриен пред речиси две децении, тој не беше препознаен дека припаѓа на терор птица дури во 2023 година.
Претходно оваа година, научниците создадоа 3D дигитален модел на примерокот за да ја олеснат понатамошната анализа. Ова доведе до идентификација на повеќе детали за оваа месојадна птица.
Терор птиците биле предатори високи помеѓу 1 и 2,7 метри. Биле моќни ловци способни да соборат голем плен со нивните масивни клунови и остри канџи. Птицата на која ѝ припаѓа коската била 5 до 20% поголема од другите познати видови.
Фосилот е всушност дисталниот дел од левиот тибијазус, потколеница која е аналогна на човечката тибија или потколеница. Припаѓа на форусрацид, изумрена птица.
Коската има исечени траги за кои се верува дека се предизвикани од каснувања на изумрен вид крокодил наречен „Purusaurus“. Овој масивен крокодил, долг до 9 метри, во своето време бил страшен предатор.
Присуството на овие лузни укажува на насилна средба помеѓу форусрацид и пурусаур.
„Веруваме дека птицата умрела како резултат на повреди со оглед на големината на крокодилот“, додаде Кук.
Повеќето фосили од терор птици се откриени во јужните региони на Јужна Америка, вклучително и Аргентина и Уругвај, меѓутоа, една коска пронајдена во Колумбија покажува дека овие птици биле пошироко распространети отколку што претходно се верувало. Ова е и најсеверната локација каде што е пронајден фосилот.
Фосилот дава клучни сознанија за древниот екосистем на регионот, кој некогаш бил бујна речна средина. Птицата коегзистирала со разновиден опсег на животни, вклучувајќи примати, копитари, џиновски мрзливци и глиптодонти слични на армадило.
Се верува дека модерната птица сериема е далечен роднина на овие предатори.