Прескокнувањето на оброците може да предизвика бројни здравствени проблеми, вклучувајќи вишок на килограми и запек. Затоа треба добро да се размисли пред прескокнувањето на појадокот, ручекот или вечерата.
Сигурно сте слушнале дека појадокот е најважниот оброк во текот на денот, меѓутоа важни се и ручекот и вечерата. Кога прескокнувате оброци, го лишувате вашето тело од потребните хранливи материи како што се јаглени хидрати, протеини, масти, витамини и минерали.
Овие супстанции играат клучна улога во обезбедување на енергија, зајакнување на имунитетот и одржување на бројни телесни функции. Урамнотежената исхрана помага и во превенцијата на хроничните болести како што е дијабетесот. Доколку не се храните редовно и здраво, веројатно ќе се соочите со многу проблеми, особено оние поврзани со дигестијата.
Поради преголем број на обврски во текот на денот некои луѓе немаат време да подготват оброк или да седнат да јадат. Додека некои веруваат дека прескокнувањето на оброците помага во слабеењето, тоа честопати има спротивен ефект, додека стресот и анксиозноста исто така можат да доведат до прескокнување на оброци.
Од друга страна некои луѓе едноставно не чувствуваат потреба да јадат во одредено време, поради верски причини или диети. Исто така здравствените состојби како што се анорексијата се манифестираат со одбегнување на храна.
Иако изгледа безопасно, прескокнувањето на оброците може да предизвика бројни проблеми:
Забавување на метаболизмот: Кога прескокнувате оброци, телото преминува во „економичен режим“, задржувајќи ги резервите на маснотиите наместо да ги согорува за енергија, што со текот на времето го отежнува слабеењето. Студијата од 2021 година покажала поврзаност помеѓу прескокнувањето на појадокот и зголемената телесна тежина.
Ниско ниво на енергија: Храната му обезбедува на телото гликоза, која се претвора во енергија. Без редовни оброци ќр се чувствувате уморно, слабо и ќе имате помалку концентрација, што ќе влијае врз вашата продуктивност.
Промена на расположението: Прескокнувањето оброци може да доведе до пад на шеќерот во крвта, што предизвикува нервоза, раздразливост и анксиозност.
Прејадување по прескокнување на оброкот: Кога ќе прескокнете оброк, најверојатно ќе се прејадете на следниот, бидејќи чувствувате интензивен глад, што предизвикува внесување на премногу калории и, следствено, дебелеење.
Недостаток на хранливи материи: Со честото прескокнување на оброците, го лишувате телото од важни витамини и минерали, што на долг рок може да доведе до сериозни здравствени проблеми, како што се анемија и остеопороза.
Послаб имунитет: Без правилна исхрана, имунитетот слабее, и организмот станува повеќе склон кон инфекции и болести.
Дигестивни проблеми: Прескокнувањето на оброците може да ја наруши работата на дигестивниот систем и да предизвика надуеност, гадење и горушица.
Запек: Нередовните оброци го нарушуваат дигестивниот ритам, што ја забавува работата на цревата и доведува до запек.
Губење на мускулна маса: Ако често прескокнувате оброци, телото почнува да ги разградува мускулите за енергија, особено доколку консумирате мало количество на протеини.
Зголемен ризик од хронични болести: Прескокнувањето на оброците може да придонесе за лоша регулација на шеќерот и инсулинска резистенција, зголемувајќи го ризикот од дијабетес тип 2.
Планирајте ги оброците однапред, за секогаш да имате здрави опции дури и кога се брзате.
Користете потсетници за оброците.
Ако не сакате да имате големи оброци, обидете се со помали, но почести.
Имајте при рака здрави закуски како овошје и јаткасти плодови.
Пијте доволно вода, бидејќи жедта понекогаш го маскира гладот.
Започнете го денот со здрав појадок.
Вежбајте техники за управување со стресот за да го одржите вашиот апетит.