Киргиос: „Луди сте доколку мислите дека старите Египќани ги изградиле пирамидите“

Точка

01/11/2024

18:19

2.691

Големина на фонт

а а а

Ник Киргиос беше гостин во поткастот на Лус Теру каде зборуваше за неговото враќање во професионалниот тенис откако не одигра ниту еден меч оваа година и само еден во текот на минатата година, а зборуваше и за неговата битка со алкохолизмот, како и теориите на заговор. Финалистот на Вимблдон од 2022 година и поранешен тенисер број 13 во светот во текот на овој разговор изнесе размислувања со кои многумина нема да се согласат.


„Би можел веднаш да се вратам и да ги победам 50 отсто од играчите. Не го сакам тоа. Моите фанови заслужуваат подобра верзија од мене од онаа која сум во моментов. Не сакам само да учествувам, а знам и дека светот нема да биде милостив кон мене кога ќе се вратам, сите ќе заборават дека се справувам со повреди година и пол“, рече тој.

Борба со тешки моменти

Потоа призна дека во текот на кариерата се справувал со тешки моменти.


„Беше тешко, се чувствував како да не можам да направам чекор назад во спортот и да се посветам на себе. Само играв, играв и играв и се справував со сè. Почнав да пијам, да губам контрола и продолжив да патувам и да играм. Имаше премногу нешта“ изјави Киргиос и призна дека пиел „20 до 30 пијачки дневно“ пред да излезе на терен следниот ден.

Легендата расистички го навреди

Почнал и да се самоповредува. Тоа е причината поради која носеше долги ракави, за никој да не забележи што си правел себеси. Поради расизмот што го доживеа од другите спортисти, тој одби да ја претставува Австралија во Дејвис купот.


„Една спортска легенда ми рече мене и на моето семејство да се вратиме таму од каде што дојдовме. Тоа е најрасистичката изјава што сум ја слушнал. Како после тоа да играм за Австралија?“, изјави Киргиос, а водителот на поткастот додаде дека тоа била изјавата Даун Фрејзер, 87-годишна трофејна олимпијка и поранешна светска рекордерка.

Се сомнева во сè и сешто

Тој исто така во текот на овој разговор призна дека не верува оти старите Египќани ги изградиле пирамидите.


„Како е можно секоја мерка во нив да е прецизна и сите да се израмнети. А изјавата дека тоа го направиле со тркалање големи блокови од камен на трупци е лудост. Зошто вратите на нив се толку големи? Не знам кој ги направил, само мислам дека не биле способни за тоа. Сега е 2024 година, а ние сè уште не го сфативме тоа? Мислите дека тие ги изградиле? Луди сте“, изјави Киргиос.

Во истиот разговор, Киргиос рече дека има свои размислувања за слетување човек на Месечината и одби да каже што мисли дали Земјата е тркалезна или рамна.