[ВИДЕО] Големо археолошко откритие: Огромен древен град на Маите откриен во џунглите во Мексико

Точка

30/10/2024

09:24

5.057

Големина на фонт

а а а

Во џунглите во Мексико, археолозите открија огромен град на античката цивилизација на Маите кој бил покриен со растенија и дрвја.

Истражувачите пронајдоа пирамиди, амфитеатри, населби и спортски терени во југоисточната мексиканска држава Кампече, а античкиот град го нарекоа Валеријана, објави "BBC".

При откривањето на овој град на Маите, археолозите користеле специјална техника за ласерско скенирање која детектира згради покриени со вегетација, наречена Лидар.

Научниците веруваат дека тоа е вториот по големина град на Маите по Чалакмул, за кој се смета дека е најголем.

Тимот откри вкупно три локации кои ја имаат површината на шкотската престолнина Единбург, а еден од археолозите, студент на американскиот универзитет Тулејн, Лук Олд-Томас, придонел за откривање на античкиот град додека барал податоци на интернет.

Тој наишол на истражување на мексикански екологисти со помош на техника на ласерско геодетско истражување, но кога ги обработил податоците со методите што ги користеле археолозите, видел нешто што другите го пропуштиле – град скриен во џунглата.

Според проценките на археолозите, во Валеријана живееле меѓу 30.000 и 50.000 жители, а биле откриени вкупно 6.764 предмети со различна големина.

Ова откритие дава важен увид во начинот на живот на древните Маи, истакнуваат научниците.

Ласерската технологија Лидар целосно го промени начинот на кој археолозите го пребаруваат теренот покриен со вегетација и отвори нов свет на изгубени цивилизации, изјави еден од истражувачите, Марсело Кануто.

Според него, примената на Лидар може да доведе до многу нови важни откритија во археологијата.




Спонзорирани линкови

Маркетинг