Важни избори до крајот на октомври: Молдавија и Грузија одлучуваат меѓу Западот и Русија

Точка

17/10/2024

21:10

500

Големина на фонт

а а а

Во две европски земји, поранешните советски републики, Молдавија и Грузија, во следните 10 дена ќе се одржат важни избори на кои ќе се одлучи дали ќе го продолжат патот на приближување кон Европската Унија и Западот или ќе се вратат во покровителство на Москва.

Во недела, на 20 октомври, граѓаните на Молдавија ќе излезат на референдумот за влез во ЕУ, а во исто време ќе се одржи и првиот круг од претседателските избори на кој актуелната претседателка Маја Санду ќе се обиде да обезбеди втор термин.

Шест дена подоцна, парламентарните избори во Грузија ќе одлучат дали со земјата ќе продолжи да управува популистичката проруска партија Грузиски сон или проевропската опозиција ќе се врати на власт по 12 години.

Заедно со исходот од војната во Украина, резултатите од изборите во тие две земји ќе ги одредат контурите на утрешната Европа, се наведува во анализата објавена на порталот "EUObserver".

Анкетите на јавното мислење и даваат јасна предност на проевропската либерална претседателка на Молдавија, Маја Санду.


Нејзиниот најголем противник е поранешниот државен обвинител Александр Стојаногло, кандидатот на Социјалистичката партија на поранешниот проруски претседател Игор Додон.

Според резултатите од анкетата, две третини од граѓаните ќе го поддржат членството во ЕУ на референдумот.

„Во случај проевропската страна да не победи, проруските или „суверените“ партии ќе промовираат зближување со Москва. Веројатно ќе следи репресивно законодавство инспирирано од рускиот закон за странски агенти, како што се случи во Унгарија, Бугарија и Грузија“, оценува во текстот главниот уредник на сајтот "Voxeurop", Жан-Паоло Акардо.


Во Грузија, како што наведува, ситуацијата е посложена, а позициите на власта и опозицијата во последните месеци се заострени.

Истовремено со притисокот за поблиски врски со Европа, владата презема мерки како што се неодамна усвоениот „закон за странски агенти“ и законот за забрана на „LGBT пропагандата“, поради што Брисел го суспендираше пристапниот процес започнат во декември 2023 година.

Додека Грузиски сон тврди дека сака членство во ЕУ, некои негови членки и високи функционери се цел на американските санкции поради спорните закони.

Од друга страна, речиси 90 отсто од Грузијците сакаат нивната земја да влезе во Унијата.

Анкетите покажуваат дека 33 отсто од граѓаните го поддржуваат Грузиски сон. Опозицијата, некогаш поделена на различни движења, се организираше во неколку неформални коалиции кои заедно веројатно ќе освојат половина од гласовите.


Претседателот на Грузија, Саломе Зурабишвили ги искористи сите расположливи средства за да го обезбеди европскиот пат на земјата, вклучувајќи го и предлогот за формирање техничка влада по изборите за да се обезбеди демократска транзиција и да се спроведат реформите неопходни за членство во ЕУ.

Грузиски сон, од друга страна, се претставува како гарант на традиционалните вредности и го искористува стравот на Грузијците да бидат вовлечени во конфликт, со оглед на грузиско-руската војна во 2008 година во сепаратистичките грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија.


Иако прогнозите не укажуваат на победа на владејачката партија, постои ризик Грузиски сон да ги намести изборите и да се прогласи за победник без разлика на резултатот, се наведува во анализата. Ова е овозможено со измената на изборниот закон, според која власта може да ги потврди резултатите без да ја вклучи опозицијата.

Експертите се согласуваат дека Грузија сега е на првата линија за одбрана на граѓанските слободи во поширокиот регион, вклучително и некои членки на ЕУ, рече истражувачот и член на партијата "Дроа", Марика Микијашвили, мислејќи на Унгарија и Словачка.

„Ако Грузиски сон остане на власт оваа година и понатаму, тоа ќе биде огромен поттик за другите нелиберали во Европа, особено во зоната на проширување, да ги охрабрат да продолжат со какви било закони и дејствија“, рече Микијашвили.




Спонзорирани линкови

Маркетинг