Пари ексклузивно: Профити за прво место - Во што се најдобри македонските маркети во регионот?

Точка

17/10/2024

17:55

1.411

Големина на фонт

а а а

Трговците во Македонија и во регионот одлично се снајдоа во услови на тврдокорна инфлација ‒ со двоцифрен раст на приходите и профитите. Иако цените на енергенсите и проблемите во синџирите на снабдување на глобално ниво се стабилизираа, цените на полиците во маркетите продолжија да растат.

Во такви услови, кога добивката ќе се стави во сооднос со бројот на вработени, македонските трговски синџири со остварените профити се истакнуваат и пред конкуренцијата во регионот.

Според податоците што ги доби и анализираше порталот Пари, македонските маркети се на самиот врв во регионот ‒ со 5.459 евра профит по вработен. Зад нив се трговските синџири во Хрватска со 5.404 евра добивка по вработен, иако оствариле многу поголеми приходи по вработен, дури 219.644 евра, со што по промет се на прво место во регионот. Приходот по вработен во македонските маркети изнесува 145.780 евра. Најголемите маркети во Србија и во Црна Гора имаат полоши перформанси од македонските и од хрватските. Приходите по вработен на најголемите маркети во Србија изнесуваат 109.470 евра, а во Црна Гора 102.879 евра. Профитот по вработен во српските маркети изнесува 3.444 евра, а во Црна Гора е 3.405 евра, покажува анализата на Пари.


КАКВИ ПРИХОДИ И ДОБИВКИ СЕ ВРТАТ ВО ТРГОВИЈАТА СО ХРАНА?

Ако ги анализираме нето-добивките на трговските синџири во регионот, шампион е српскиот Делез со 66,6 милиони евра во 2023 година. Најпрофитниот трговски синџир во Македонија е Веропулос, а тој е на деветто место на регионалната листа. Секако, станува збор за држави со сериозна разлика во бројот на населението. Додека Македонија има околу 2 милиони жители, Србија има околу 6,6 милиони.


Македонија

Седумте македонски маркети со најголеми приходи и профити (Веропулос, КАМ, Кипер, Стокомак, Кит-го, Рамстор и Тинекс) во 2023 година имаа вкупни приходи од 934,6 милиони евра.

На прво место е KAM, со остварен приход од 268,8 милиони евра. Следуваат Кипер со 175,2 милиони евра и Стокомак со 138,5 милиони евра. Со приходот од 102,6 милиони евра во 2023 година Верополус го надмина Тинекс, кој оствари вкупен приход од 98,3 милиони евра. На шесто место е Кит-го, кој минатата година има вкупен приход од 86,9 милиони евра. Според висината на приходите заостануваат Жито маркети со 69,5 милиони евра на седмо место и Рамстор со 64,3 милиони евра на осмо место. Но Жито маркети го нема меѓу најдобрите седум маркети според остварен профит.

На прво место според добивка со години по ред е Веропулос, кој во 2023 година оствари чист профит од 10,3 милиони евра, што е раст од 12,8 насто во споредба со 2022 година. На втора позиција е КАМ со профит од 7,3 милиони евра, што е значителен раст во однос на 2022 година, кога добивката изнесувала 4,9 милиони евра. Меѓу трите компании со најголема добивка е и Кипер, со нето-заработка од 5,5 милиони евра.

Следуваат Стокомак со профит од 4,1 милион евра, Кит-го со 3,9 милиони евра, Рамстор со 2,5 милиони евра и Тинекс со 1,4 милиони евра. Иако Тинекс заостанува зад конкуренцијата според висината на добивката, сепак може да се пофали дека во 2023 година има остварено најголем раст на профитот, од дури 208 насто.

Србија

Шесте најголеми трговски синџири во Србија ‒ Делез, Меркатор С, Аман, Универекспорт, Гомекс и Метро ‒ во 2023 година остварија вкупен профит од 101 милиони евра, во услови на официјална инфлација од 7,6 насто. Оваа добивка е поголема во однос на 2022 година за 15,5 насто, односно за 14 милиони евра. Сите компании бележат двоцифрен раст и на приходите. Водат Универекспорт и Метро, кои ги зголемија приходите од продажба за 20 насто, а Делез за 15 насто.

Во 2023 година Делез има остварено најголем приход во износ од 1,3 милијарди евра. Следуваат Меркатор С со 858 милиони евра и Универекспорт со 317 милиони евра. И Метро значително го зголеми приходот (300 милиони евра). На петто место е Аман со вкупен приход од 254 милиони евра, а на шесто место е Гомекс со 187 милиони евра.

Делез е шампион во Србија и според остварениот профит во 2023 година од 66 милиони евра, што е двојно повеќе од вкупниот профит на останатите пет конкуренти заедно. Второто место го зазеде Меркатор С со раст на профитот од дури 120 насто (14 милиони евра). На трето место е Аман со добивка од 9,4 милиони евра. Универекспорт има добивка од 7,2 милиони евра, Гомекс од 4,4 милиони евра, а Метро од 180.000 евра, што е најлош резултат во дејноста (но лош е и во споредба со 2022 година, кога оваа компанија имаше добивка од 2,4 милиони евра).

Делез е најголем трговски синџир и според бројот на вработени, кој изнесува 12.399, но според просечната плата, води Метро со бруто-плата од 1.300 евра, а следуваат Делез со 1.045 евра и Меркатор С со 1.006 евра.

Републичкиот завод за статистика на Србија објави дека просечната бруто-маржа на трговските синџири за прехранбени производи изнесува речиси 15 насто, што се смета за висока стапка којашто силно го погодува животниот стандард на граѓаните.

Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.



Спонзорирани линкови

Маркетинг