Поранешен началник на СВР Велес: Велибор Манев ни кажа дека Љупчо Палевски го убил Панче, му пукал со пиштол во тилот

Точка

16/10/2024

14:16

1.786

Големина на фонт

а а а

Поранешениот началник на СВР Велес, Ристе Самарџиев, а сега вработен во пилициската станица, денеска сведочеше на рочиштето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој одговараше на прашања на Обвинителството првенствено за исчезнувањето на велешанецот Жежовски.

- По пријателска врска со А1 операторот, така го пронајдовме телефонот, неофицијално дознавме како зрачи телефонот. Потоа баравме и листинзи. Тоа го направивме за побрзо пронаоѓање на лица. И ќерката на Панче имаше пристап до „Гугл“ акаунтот на Панче. Телефонот беше активен, но никој не одговараше. Го имавме бројот и гледавме каде зрачи телефонот, гледавме дека е во близина на бензинската пумпа Макпетрол. Испративме телеграма до сите СВР ако е најдено возилото или лицето да биде запрено и да бидеме известени. Баравме камери од патишта, патарини, објекти… Проверивме и дали ја напуштил државата. Телефонот беше пронајден во дол, во капини од две-три метри. По два дена го пронајдовме телефонот на Панче, во меѓувреме заврна и снег. Мораше да интервенира и општински работници за да исчистат. Ние ги користиме пријателските врски за побрза постапка, рече Самарџиев.


Велибор Манев ни го посочи местото, прво ни кажа дека тие се виновни за убиството на Вања и каде е закопана, а потоа и местото каде е закопано телото на Панче, сведочеше Самарџиев.

- На патарините има 6 камери, 6 инспектори гледавме, на 21-ви се појавува возилото на бензинската пумпа Лукоил, на бензинската пумпа Макпетрол не го гледаме. Отидовме лично да видиме во „Сејф сити“ и тогаш првпат гледам дека возилото е излезено од Велес. Тоа е стар систем и не се гледа најдобро. Ние во тој момент мислевме дека е жив човекот. Подоцна во скопскиот регион го најдовме возилото запалено, и сигурни бевме дека лицето е убиено. Во хотел Романтик одземавме снимки и таму се гледаат како се движат две возила. Јас единствено имав контакт со Велибор Манев. Тој нѝ го посочи местото. Прво ни кажа дека тие се виновници за убиството на Вања и местото каде е закопана Вања. Потоа нѝ го покажа местото каде е закопано телото на Панче. Тој ни кажуваше каде да се движиме. Дупката ако не ви ја посочи некој, нема шанси да ја најдете. Велибор ни кажа дека Љупчо Палевски го убил Панче, му пукал со пиштол во тилот. Пронајдена беше и чаурата. Викнавме пожарна кои ни помогнаа да го извадиме телото. Дупката беше голема 2-3 метри, изјави Самарџиев.


На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Поврзани вести: [ВИДЕО] „Ако дознае Палчо за ова, ќе ме убие“: Обвинетиот Кешишов на началник од МВР му открил каде е закопана Вања - „Тука го фрлија маленкото“



Спонзорирани линкови

Маркетинг