[ВИДЕО] Претседател, а некогаш шверцувал стока од Турција? „Дел Бој“ Вучиќ со својата нова приказна успеал и Ердоган да го остави без зборови

Точка

15/10/2024

22:52

1.153

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, веќе со години на народот му ја сервира приказната за своите случки и авантури од младоста. Бил и млад страстен навивач на трибините, војник кој секогаш „пркосел“ на правилата и одел во притвор, а сега знаеме дека бил и – продавач на пазар кој препродавал облека од Турција.

Секогаш кога е потребно, претседателот Александар Вучиќ смета дека е соодветно со граѓаните на Србија да сподели некоја своја анегдота од младоста. Така, на пример, неодамна во екот на приказната за враќањето на редовниот воен рок, раскажал и како додека бил млад војник го казнувале секогаш кога бегал во градот и дека тоа го знаат сите оние кои биле тогаш со него во касарната.

Исто така, уште одамна изјавил и дека бил вработен во продавница за железарија во Лондон, и тоа кај извесен Индиец за две фунти дневно.


Имено, кога во 2014 година како премиер одржал говор во Лондонската школа за економија, тој на самиот почеток со присутните ја споделил оваа анегдота и им порачал дека се во подобра позиција отколку што бил тој тогаш, пишува српски „Блиц“.

Така сега, една деценија подоцна, при неодамнешната посета на турскиот претседател на Белград, тој споделил и досега непозната случка од тинејџерските денови.

Тој зборувал како Турција многу се променила од неговата прва посета, кога како млад отишол таму да купува гардероба која потоа би ја препродавал во Србија.

„Како момче, кога имав 15-16 години, отидов во Турција. Купив патики, шорцови, не знам што, па отидов на пазар да ги продадам. Значи, поминаа скоро 40 години и денес кога одам во Турција тоа не е повеќе истата земја. И Реџеп Таип Ердоган и сите вие“, зборувал тој.

Дел од неговото обраќање се шири на социјалните мрежи, а граѓаните во коментар прашуваат дали има нешто што српскиот претседател веќе не направил?

„Имаме слики од тоа што јаде, што пие, и што вози, и како игра шах, кошарка, навива на стадионот, само немаме слики од касарната каде што (ако) служел војска, од неговата матура, од наводната продавница за железарија во Лондон, од пазарот со шверцувана турска стока. Како тоа“, гласи еден од коментарите.




Спонзорирани линкови

Маркетинг