[ФОТО/ВИДЕО] Што е ТХААД (THAAD)? Силен американски систем за противракетна одбрана се испраќа во Израел

Точка

15/10/2024

21:25

1.909

Големина на фонт

а а а

Каква вредносна употреба ќе има одбранбениот американски систем ТХААД (THAAD) кој Пентагон планира да го испрати во Израел со цел земјата поефективно да успее да се одбрани од зачестените ирански напади со балистички ракети?

Оваа дилема е дел од пишувањата и анализите на угледните светски медиумски куќи откако минатата недела излегоа информации дека Пентагон е во подготовки за испраќање на вакво софистицирано оружје на сојузникот Израел.

Имено, одбранбениот американски систем ТХААД е едно од најмоќните противракетни оружја на американската војска, способно да пресретнува балистички ракети на опсег од 150 до 200 километри и со речиси совршена стапка на успешност на тестовите.

Користејќи комбинација од напредни радарски системи и пресретнувачи, ТХААД, кратенка за „Terminal High-Altitude Area Defense“, е единствениот американски систем за противракетна одбрана што може да вклучи и уништи балистички ракети со краток и среден дострел како внатре така и надвор од атмосферата за време на нивната терминална фаза на летот.

Пресретнувачите ТХААД се кинетички, што значи дека ги отстрануваат дојдовните цели со директен судир во нив наместо да се детонираат во близина на боева глава.


Според извештајот на Конгресната служба за истражување, американската војска има седум батерии ТХААД, од кои секоја се состои од шест фрлачи (батерии) поставени на камиони со по осум пресретнувачи заедно со моќен радарски систем и компоненти за контрола на оган и комуникација.

Како што пренесуваат американските медиуми засега во Израел САД размислуваат да испратат eдна од тие батерии за да ја зајакнат неговата и онака импресивна способност да се спротивстави на дојдовните ракети од страна на Иран.

Според Пентагон, американската војска дополнително ќе испрати околу 100 војници во Израел за да управуваат со батеријата. За ова Иран ги информираше САД дека ќе возврати на секој нов напад од Израел, изјави извор од Техеран за Си-ен-ен во саботата.

Инаку преку широк систем за команда и контрола и управување со битки, батериите ТХААД можат да комуницираат со ракетнаta одбрана на САД, вклучително и системите АЕГИС кои вообичаено се наоѓаат на бродовите на американската морнарица како и со системите за ракетна одбрана Патриот, дизајнирани да пресретнуваат цели со помал дострел.

Спецификациите на ТХААД му дозволуваат негово брзо распоредување од товарните авиони на американските воздухопловни сили, како што се Ц-17 и Ц-5, но Пентагон не даде прецизен план и распоред за тоа кога ќе биде овој систем активен во Израел, пишува Форбс.


Ова не е прв пат Вашингтон да испрати батерија ТХААД во Израел. Еден беше испратен во 2019 година за време на воена вежба со израелските сили.

Во меѓувреме, распоредувањето на ТХААД беше внимателно следено од американските ривали, особено Кина.

Распоредувањето на батеријата ТХААД во Јужна Кореја во 2017 година, како што растеа заканите со балистички ракети од Северна Кореја, наиде на жестоко противење од Пекинг, за кој експертите велат дека е загрижен дека моќниот радар може да се користи за шпионирање на активности во Кина.


САД, исто така, распоредија ТХААД во Гуам, за да ги заштитат виталните американски воени бази на островот во Пацификот од можни закани со балистички ракети од Северна Кореја или Кина.