Петрушевски: СДС свесно го оставија Груби да ја краде државата, за тие да продолжат да владеат ден повеќе

Макфакс

21/12/2024

13:35

232

Големина на фонт

а а а

„СДС се виновни што Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира“, рече денеска на прес конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Жално е да се гледа како сега СДС од петни жили се обидуваат да смислуваат сценарија, кога тие додека делеа власт се плашеа да го спомнат Груби, а не пак да го повикаат на одговорност.

Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт.

СДС свесно го оставија Груби да ја краде државата, за тие да продолжат да владеат ден повеќе.

СДС треба да излезат и да им се извинат на граѓаните, за тоа што молчеа додека Артан Груби правеше милионски криминал, а потоа не само што одмолчеа, туку и му се приклучија нивните функционери како Ковачевски.

СДС е до гуша во криминал, наместо евтини приказни, да почнат длабоко да се реформираат, зошто со криминалци во врвот на партијата тешко дека може нешто да очекуваат освен уште поголеми катастрофи“, истакна Петрушевски.

Утринава од опозициската СДСМ испратија соопштение во кое велат дека „власта го пушти Груби слободно да ја премине границата, за што постојат основани сомнежи дека станува збор за договор меѓу ДПМНЕ и ДУИ“.

„Бројните пропусти се само потврда за ова. Од дојавата дека е поднесена кривична пријава, преку поставување на мобилна патрола без никаква информација па се до поминувањето преку греничниот премин Блаце без проверка, дозволено од страна на лицето БЈ назначен од Тошковски.

Фатена во овој голем скандал власта прво се обиде кај батериите на камерите да ја префрли вината а сега лицитира каде се наоѓа Груби, дали е во Косово или Албанија.

Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци.

Владините функционери наместо да лицитираат треба да понесат одговорност. За бегството на Груби, односно пуштањето надвор од границите на државата Тошковски веќе требаше да си поднесе оставка“, стои во соопштението на СДСМ.