Шпанската тенисерка Паула Бадоса се најде во центарот на расистички скандал по објавувањето на фотографијата на која таа со помош на стапчиња ги повлекува очите нагоре.
Откако во саботата изгуби во полуфиналето на турнирот во Кина, тренерот на Бадоса, Пол Толедо, ја објави спорната фотографија на својот инстаграм, со тагување на официјалниот профил на турнирот во Кина, пренесува „Гардијан“.
Paula Badosa's coach shares a photo of Paula mocking Chinese people on Instagram pic.twitter.com/QMFFS01hb3
— Hawkiens (@JC544155969342) October 6, 2024
За кратко време, коментарите под фотографијата се зголемуваа, а луѓето ја обвинуваа за расизам.
„Значи, Паула Бадоса сега покажува неформален расизам спрема Кинезите додека е во Кина? Немам зборови“, „Ова би требало да биде забавно? Без размислување, тука се работи за расизам“, „Нејзината одбрана е тоа што има пријатели од азиско потекло. Навистина?, беа само дел од коментарите.
Бадоса подоцна упати извинување, повикувајќи ги луѓето да не ја толкуваат фотографијата на таков начин.
„Ние не ги имитиравме луѓето од Азија. Само се играв со своето лице и брчките. Ја сакам Азија и имам многу пријатели со азиско потекло. Тие се најљубезни“, потенцираше Бадоса.
Толедо подоцна ја избриша спорната фотографија од својот инстаграм профил.
Пред појавувањето на турнирот во Вухан, во вторник, Бадоса се извини. „Навистина ми е жал, не знаев дека ова е навредливо или расистичко. Грешката е моја, преземам потполна одговорност“, напиша Бадоса на социјалните мрежи, и додаде дека се надева оти луѓето ќе ја разберат и дека таа ќе ја научи лекцијата од сопствената грешка.
Бадоса, којашто е петнаесета тенисерка на светот, подоцна се повлече од турнирот во Вухан, повикувајќи се на гастроинтестинална болест.