Фиорентина стартуваше доста променливо на стартот на новата сезона, а бидејќи влезе во дербито со Милан со само една победа, повеќе од јасно е тоа што избраниците на Паладино чувствуваа и одреден притисок.
„Виолетовите“ играа далеку под своите можности во воведните неколку кола, но вчеравечер ја добија драмата со „росонерите“ на Артемио Франки и направија скок на табелата.
Главен херој во триумфот од 2:1 беше Давид Де Хеа кој одбрани два пенали, а додека сите го возвишуваат и потсетуваат на неговите најдобри денови во Манчестер Јунајтед, Шпанецот даде една навистина скромна изјава за својата партија.
Шпанскиот чувар на мрежата посебно значење дал на тимскиот успех, односно победата која посебно ги израдува навивачите на трибините.
– Ова беше неверојатна ноќ за нас. Работевме многу напорно со месеци за вакво чувство на тежок меч. Претпочитам да зборувам повеќе за тоа, отколку за одбранетите пенали. Сакавме да ги направиме нашите фанови среќни и успеавме во тоа.
– Победа против голем клуб како Милан секогаш дава посебен потстрек. Работевме многу напорно и конечно почна да се гледа тоа и на теренот, – изјави Де Хеа.