Бебе почина на Клиниката за детски болести во Скопје

Точка

05/10/2024

13:31

916

Големина на фонт

а а а

Рано утринава на Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, почина 14-месечно девојче. Околу 04.50 часот на Детската клиника во Клинички центар „Мајка Тереза“, (В.С.) 29-годишен маж од село Гошинце и неговиот брат, оштетиле инвентар во болницата откако починало детето на В.С., информира МВР.

Бебето било донесено со Итна медицинска помош во болницата околу 03.45 часот, а причините за смртта дополнително ќе се утврдуваат.

Според пишувањата на Слободен печат, вознемирените извори кои работат на Клиниката изјавиле дека бебето било неколку пати одбивано за хоспитализација, иако родителите го носеле во болницата. Секогаш било пуштано дома, без да биде хоспитализирано. Гледајќи дека се одбивани за хоспитален третман, родителите го однеле во Клиниката Козле, од каде состојбата му се влошила и дури тогаш било примено во одделението за интензивна нега на Детската Клиника. Тоа за Слободен печат, освен дел од вработените, го потврди и таткото на починатото девојче, Р.С.


Таткото на бебето за Слободен печат изјави, дека поседува видео снимка од доктор, која ја снимил ноќеска во Детската Клиника, на која го прашува докторот дали за неговото дете имало спас, доколку било навремено хоспитализирано, на што докторот му дал потврден одговор.

„Три пати ја носевме на Детска Клиника, цело време ни велеа, терајте дома, терајте дома, терајте дома. Потоа од Козле каде што ја задржаа ќерка ми ја префрлија на Детска Клиника за хоспитализација. Утринава околу пет часот не кажуваа што се случува не даваа никаква информација. Само потоа гледам, починато. Три дена бевме таму и јас и брат ми, цело време ни велеа добро е и носете ја дома, нема потреба да ја држиме тука. Имам снимка од докторот каде го прашувам дали ако го држевте моето дете тука, ќе имаше спас за него, а каде тој вели ,,имаше спас, ама не било примено”. Утринава имаше полиција таму, зашто го скршив компјутерот со глава во цел стрес, што чекаат, да носам цвеќе?“, изјави таткото на починатото 14 месечно девојче, Р.С. за Слободен печат.

Инаку од МВР соопштија дека случајот е пријавен кај нив: „Денеска (05.10.2024) во СВР Скопје е пријавено дека околу 04.50 часот на Детската клиника во Клинички центар ‘Мајка Тереза’ В.С. (29) од с. Гошинце и неговиот брат Б.С. (35) од с. Гошинце оштетиле инвентар во болницата откако починала едногодишната ќерка на В.С., која, според пријавеното, била донесена со Итна медицинска помош во болницата околу 03.45 часот. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг