Речиси една година по нападот на Хамас врз Израел: Израелците со поделени мислења околу тоа како треба да заврши војната

Точка

05/10/2024

16:19

1.688

Големина на фонт

а а а

Речиси една година по нападот на Хамас врз Израел, којшто се случи на седми октомври 2024 година, Израелците ги обединува заедничката траума предизвикана од нападот, меѓутоа имаат различни мислења како треба да се заврши војната во Газа.

По нападот на Хамас (најсмртоносниот во израелската историја), во Израел се појави движење за национална солидарност – доброволци кои подготвуваа јадења за војниците и кои ги сместуваа бегалците во своите домови.


Ова разбирање и солидарност претставуваше одредено ниво на утеха за Израелците, но министерството за здравство потенцира дека земјата е соочена со „најсериозна криза на ментално здравје во својата историја“.

Прашањата во врска со судбината на десетици израелски заложници, коишто на седми октомври беа однесени од страна на припадниците на Хамас во појасот Газа, им отежнуваат на луѓето да ја заборават траумата и да продолжат со вообичаениот живот. „Чувството на безбедност на Израелците е уништено“, изјави Мерав Рот, израелски психоаналитичар којшто ги лекува поранешните заложници и семејствата на починатите.


„Тоа е така, бидејќи тие се идентификуваа со жртвите и затоа што безбедносните сили не можеа да спречат таква инвазија врз земјата. Таа инвазија во домовите, од страна на поединците и групите, не е запаметена во историјата на Израел и истовремено е застрашувачка за Израелците“, додава тој.

Тоа не е траума која завршила, туку настан кој сè повеќе се комплицира, бидејќи постојано се дознава за смртта на нови заложници или војници кои се борат во појасот Газа, како и заканата од сеопшта војна против Хезболах во Либан.

„Вратете ги дома“

Во нападот кој го изврши Хамас на седми октомври 2023, беа убиени 1205 луѓе, најголем дел цивили, а според податоците на „AFP“ базирани врз службените израелски податоци кои ги вклучуваат заложниците убиени во текот на заложништвото.


Од 251 заложник кои беа киднапирани од Хамас, 97 се сè уште во заложништво во појасот Газа, вклучувајќи 33 за коишто израелската војска објави дека се мртви.

Во израелската офанзива врз Газа, убиени се најмалку 41.455 лица, најголем дел цивили, според податоците на тамошното министерство за здравство.

Поделби во земјата

Во Израел се појавија поделби во врска со владината воена политика од краткотрајниот прекин на огнот во ноември, кога беа ослободени 105 заложници, меѓутоа сега се поставува прашањето како да се вратат дома останатите.

Ниту една саботна вечер не поминува, без илјадници протестанти на улиците на Тел Авив, а понекогаш и во другите израелски градови, кои им порачуваат на властите: „Вратете ги дома веднаш“.


Меѓутоа тие Израелци кои бараат постигнување на договор со Хамас „по секоја цена“ со цел заложниците да бидат ослободени, ги критикуваат оние кои се плашат дека таквите протести ја поткопуваат владината позиција и дека би можеле ненамерно да ги засилат милитантите.

Тамар Херман, соработничката на Израелскиот институт за демократија, изјави дека оваа поделба општо ја одразува политичката поделба на левица и десница, којашто се заостри пред војната поради предлогот за правосудна реформа на премиерот Бенјамин Нетанјаху.


Законскиот предлог на којшто инсистираа десничарските, коалициски партнери на Нетанјаху, предизвика повеќемесечни протести на коишто присуствуваа десетици илјади Израелци.

„Очигледно е дека сите мислат дека прашањето на заложниците е страшно, но она што предизвикува поделби во јавноста е тоа колку сме подготвени да платиме за ослободување на помалку од 100 луѓе кои сè уште се во заложништво во Газа“, изјави Херман.

Чувство на напуштеност

Војната исто така ги влоши поделбите помеѓу секуларните Израелци и религиозните, во голема мерка поради исклучувањето на ултраортодоксните Евреи од служење во израелската војска, што многумина ги иритира.

Со оглед на тоа дека од седми октомври загинаа повеќе од 700 припадници на безбедносните сили, како и дека беа мобилизирани илјадници резервисти и со оглед на големата воена операција на северната граница со Либан, ова прашање е поважно од кога било.


„Додека мојот внук го ризикува својот живот во Газа, нејзините внуци доаѓаат да ја посетат во нашата соба секој ден“, изјави осумдесет годишна жена хоспитализирана во Ерусалим, зборувајќи за својата ултраортодоксна цимерка.

Од друга страна, жителите на север Израел се жалат дека државата ги напуштила одамна пред почетокот на војната, а нивните проблеми многу се зголемиле откако Хезболах на осми октомври започна со прекугранични напади во знак на поддршка на Хамас.

Поради секојдневните напади на Хезболах, десетици илјади луѓе се евакуирани од северен Израел, а околу 60.000 уште не се вратија во своите домови.

„Најтешка година“

Владата најголем дел од бегалците ги смести во хотели, а помеѓу нив е и Дорис Сисо, наставничка од Шломи – место во близина на границата. „Само сакам да се вратам дома. Не ми е гајле за ракетите“, изјави таа, која инаку е мајка на четири деца.


Иако според безбедносните правила не смее да се врати во Шломи, во септември таа го напушти хотелот во Ерусалим и изнајми куќа во село на северот од Израел.

Малку ѝ олеснило, по како што вели „најтешката година во нејзиниот живот“, со оглед на тоа дека синовите ѝ се мобилизирани, а 11 годишната ќерка страда од анксиозност.