Поплавата која ноќва ги погоди јужните делови на Босна и Херцеговина одзеде најмалку 14 човечки жртви. Војската влезе во Јабланица и бара преживеани. Патиштата и автомобилите се под вода, а наставата е откажана на повеќе места.
Претседателството на Босна и Херцеговина на вонредна седница донесе едногласна одлука за распоредување на ресурсите на вооружените сили на Босна и Херцеговина на поширокото подрачје на општина Јабланица.
Итно беа ангажирани инженерски единици, единици за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на БиХ, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природна катастрофа - големи поплави и лизгање на земјиштето во поширокото подрачје на општината Јабланица.
Дарко Јукан, раководител на Одделот за односи со јавноста, потврди дека има најмалку 14 загинати лица.
Тој објави дека се пронајдени 14 тела и дека „има многу жртви“, а најкритична е состојбата во областа Доња Јабланица, на патот од Мостар кон Сараево, по обилните врнежи во текот на ноќта од Четврток до петок, што предизвика одрони и свлечишта на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица се уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.
Тој изјави дека се ангажирани припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина, полицијата и меѓународните сили кои се на обука и дека има проблеми со прекин на комуникациите.
„Ќе побараме помош од меѓународната заедница и од другите земји“, додаде тој за Ал Џезира.
Возачот на порталот „Дневни аваз“ Алмир Нишиќ снимил видео од драмата низ која поминал околу три часот утрово во Јабланица.
Премиерот на БиХ Нермин Никшиќ пристигна во Јабланица, потврди за „Аваз“.
Тој вели, ситуацијата е многу сериозна бидејќи многу граѓани се уште се заробени во своите куќи и „наоѓаме начин да стигнеме до нив“.
Секоја минута луѓето објавуваат нови фотографии и видеа кои ги покажуваат катастрофалните последици од поплавата.
За жал, штетите ќе се видат дури во наредните денови.
- Вода влезе во подрумот и приземјето од куќата, ситуацијата е многу тешка. Патиштата се уништени, а пристапот до населбата станува невозможен - изјави еден од жителите на Дусина кај Фојница.
Спасувачите се на терен, а екипа на ГШС Прењ од синоќа трага по настраданите.
На видеото што го објавија, спасувачите ги повикуваат преживеаните, надевајќи се дека ќе ги најдат и ќе ги доведат на безбедно.