Кремљ соопшти дека одлуката на САД да ѝ дозволи на Украина користење на американски ракети за напади длабоко на територијата на Русија ќе доведе до зголемени тензии и подлабоко вклучување на САД во конфликтот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот дневен брифинг изјави дека нема промена во ставот во однос на она што го кажа Владимир Путин во септември. Рускиот претседател тогаш рече дека нападите со американско оружје на руска територија ќе ги смета за директно учество на НАТО во конфликтот.
Одговарајќи на новинарско прашање на агенцијата „ТАСС“, Песков изјави дека Русија е запознаена со наводната одлука на администрацијата на Џо Бајден само врз основа на известувањето на западните медиуми.
„Доколку проектилите испорачани од САД бидат истрелани длабоко во Русија, Москва ќе го разгледа нападот не како украински, туку американски“, рече тој.
„Очигледно е дека администрацијата на Бајден во заминување има намера да преземе чекори за да долее масло на огнот и дополнително да ги ескалира тензиите во овој конфликт“, заклучи Песков.