Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард денеска изјави дека Европа треба да ги здружи своите ресурси за заеднички приоритети, како што се борбата против климатските промени и одбраната, поради забележаниот пад на продуктивноста.
„На овој начин можеме да ги постигнеме посакуваните резултати и да бидеме ефикасни во управувањето со јавните расходи“, рече Лагард, според Блумберг.
Континентот, додава таа, го загубил своето место во првите редови на дигитализацијата, во време кога слободната трговија се повеќе се доведува во прашање.
„Не можеме повеќе да се гледаме себеси како лабав клуб на независни економии. Таа перспектива е застарена во свет кој се распаѓа во геополитички блокови центрирани околу најголемите економии“, рече таа.
Лагард рече дека Европа треба да се гледа себеси како единствена, голема економија со претежно заеднички интереси, пренесува Танјуг.