Каматните стапки почнуваат да паѓаат – дали е сега вистинско време за кредит?

Денар

03/10/2024

19:27

417

Големина на фонт

а а а

По долготрајниот период на високи каматни стапки, Народната банка на Македонија го започна процесот на намалување на каматните стапки, па оттука се поставува и прашањето: дали сега е вистинското време за подигнување на кредит?

Податоците од Народната банка покажуваат дека овој процес веќе ги опфаќа кредитите кои банките ги одобруваат на граѓаните и компаниите, додека каматите на депозитите сè уште се држат стабилни, но и кај нив се очекува постепено намалување.

Во август 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 5,44%, со минимално намалување на месечна и годишна основа. Паралелно, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесувала 5,04%, што претставува месечен пад од 0,08 процентни поени, а на годишно ниво пад од 0,49 процентни поени.

Овие трендови, според експертите, сугерираат дека кредитниот пазар се движи кон поповолни услови за заемопримачите.

На 17 септември 2024 година, Народната банка на Македонија ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, сведејќи ја на 6,05%. Оваа мерка е прва во низата на внимателни чекори кон олеснување на монетарната политика, но дали ова значи дека е вистинско време за подигнување кредит?

Според економските аналитичари со коишто разговаравме, сега е време на транзиција кон пониски каматни стапки, но ова не значи дека треба веднаш да се одлучите за подигнување кредит.

„Иако моменталните каматни стапки се пониски, постои можност во наредните месеци да продолжат да паѓаат, што би можело да значи уште поповолни услови за заемопримачите“, коментираат економистите.

Тие велат дека иако банките започнуваат со намалување на каматните стапки на кредитите, треба да се земат предвид и личните финансиски околности на секој поединец или компанија.

„Вистинското време за подигнување кредит е индивидуално прашање. За оние кои имаат стабилни приходи и потреба од инвестиции, тековните услови може да се искористат, но за оние кои можат да почекаат, намалувањата можат да продолжат“, советуваат експертите.

Во исто време, каматните стапки на депозитите остануваат релативно стабилни, но со можност за надолна корекција во наредните месеци.

Во август, просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесувала 2,43%, што претставува месечен пад од 0,33 процентни поени. Ова значи дека за штедачите, каматите на депозитите исто така може да станат помалку атрактивни во иднина, особено ако процесот на намалување на каматите продолжи.

Заклучокот на економистите е дека „за оние кои размислуваат за подигнување кредит, важно е да ги следат пазарните трендови и да бидат подготвени за промени во наредните месеци. Намалувањето на каматните стапки е позитивен сигнал, но одлуката треба да биде базирана на долгорочна проценка и внимателно планирање“.

Со оглед на тоа што процесот на намалување на каматите е во тек, останува да се види како ќе се развиваат условите на кредитниот пазар во иднина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг