Не постои врска помеѓу користењето мобилни телефони и зголемениот ризик од рак на мозокот, се наведува во новиот преглед на објавени докази од целиот свет кој го објави Светската здравствена организација (СЗО).
И покрај огромниот пораст на употребата на безжични технологии, не дошло до зголемен ризик од рак на мозокот, што се однесува и за луѓето кои водат долги телефонски разговори или користат мобилни телефони повеќе од една деценија, пренесува „Reuters“.
Конечната анализа вклучила 63 студии од периодот од 1994 до 2022 година, во чија изработка учествувале 11 истражувачи од 10 земји.
Во анализите се проценети ефектите на радио-зрачењата кои ги емитуваат мобилните телефони, како и телевизорите, беби мониторите и радарите, изјавил професорот по епидемиологија на рак на Универзитетот Окленд на Нов Зеланд и коавтор на студијата.
„Ниту едно од главните проучувани прашања не покажало зголемени ризици“, рече тој.
Студиите го разгледувале ракот на мозокот кај возрасните и децата, како и поврзаноста на зрачењето со употребата на мобилни телефони, базни станици или предаватели. Ефектите од користењето на мобилните телефони врз другите видови на рак ќе бидат објавени посебно.
СЗО и другите меѓународни здравствени тела претходно соопштија дека нема дефинитивни докази за штетните здравствени ефекти од зрачењето кое го емитуваат мобилните телефони, но повикаа на дополнителни истражувања.
Во моментов, Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) го класифицира зрачењето на телефонот како „можно канцерогено“ односно класа 2Б, што е категорија што се користи кога не може да се исклучи потенцијалната врска.