Пол Сколс го именуваше играчот кој за него е најлошиот фудбалер кој некогаш потпишал за Манчестер Јунајтед. За иконата на клубот од Олд Трафорд, фудбалер со повеќе од 700 настапи и 25 освоени трофеи, меѓу кои и 11 во Премиер лигата, тоа е австралискиот голман со хрватско потекло Марк Боснич.
Дебатирајќи со легендата на Ливерпул Џејми Карагер и новинарот Дејвид Орнстеин, Сколс ги истакнал играчите за кои смета дека во однос на вложените пари биле најдобри трансфери на Јунајтед, а потоа рекол што мисли и кој е на другата страна на тој спектар. Вејн Руни и Ерик Кантона добиле пофалби од Сколс, додека јавна критика од него добил Марк Боснич.
Боснич кариерата ја започнал во Манчестер Јунајтед во 1990-та и по една сезона го напуштил клубот. На Олд Трафорд се вратил во 1999-ма, како замена за Петер Шмајхел.
Сколс: Беше многу непрофесионален
„Моравме да го замениме Шмајхел, знаевме дека ќе биде тешко. Марк Боснич беше добар голман на Астон Вила. Дојде кај нас и беше многу непрофесионален. Искрено, тоа беше смешно. Вежбите за шутирање обично траат 15-20 минути. Тој беше уморен по три удари. Ни ни знаев дека не знае да шутира. Во животот не сум го видел тоа“, рекол Сколс и додал:
„Првиот натпревар го игравме на гости кај Евертон. Не успеа да дегажира ни до центар. Денот беше совршен, без ветар. Разочарувачки. Навистина, Ентони е скапо платен, но за мене најлош е Боснич“.
Боснич за Јунајтед бранел на 38 натпревари со просек од еден примен гол на натпревар. 15 пати ја сочувал мрежата недопрена, а со тој клуб ја прослави титулата во Премиер лигата во сезоната 1999/2000, како и насловот во Интерконтиненталниот куп во 1999-та.