Фактот дека "Black Myth" е првата голема кинеска игра не значи дека кинескиот пазар за видеоигри е сè уште во зародиш, туку дека тие досега беа фокусирани на други видови игри.
"Black Myth: Wukong", акциона игра сместена во митолошка Кина, е нов гејмерски хит во светот. За само три дена од објавувањето, продаде повеќе од 10 милиони копии, а моментално е рангирана на второто место по популарност на платформата за стриминг на игри "Steam".
Успехот на оваа игра не дојде преку ноќ. Кинеското студио "Game Science" со години работи на развојот и се чини дека тоа е само првата кинеска игра која би можела да го освои светот.
„Мислам дека следната хит игра е веројатно многу блиску, бидејќи "Black Myth: Wukong" им покажа на сите дека AAA играта (игри со висококвалитетна графика и одлична маркетинг поддршка) направена во Кина може да достигне толку висока глобална продажба“, рече Дино Јинг, претседател на "Hero Games", кој ја објави играта и беше ран инвеститор во нејзиниот развивач "Game Science".
Јинг додаде дека знае барем уште една таква игра во развој, во која инвестирал неговиот деловен партнер во "Hero Games".
Тој истакна дека во иднина, странските развивачи на AAA игри ќе сфатат колку е голем кинескиот пазар и ќе прилагодат повеќе функции за кинеските играчи. Според некои проценки, околу 600 милиони луѓе од различна возраст активно играат видеоигри во Кина.
Фактот дека Black Myth е првата голема кинеска игра не значи дека кинескиот пазар за видеоигри е сè уште во зародиш. Досега кинеските студија се фокусираа на едноставни мобилни игри кои беа полесни и побрзи за развој, а кои во исто време донесоа и побрз поврат на инвестицијата.
Имено, "Hero Games" веќе потроши три години и инвестираше 60 милиони јуани (околу 8,5 милиони долари) во два пропаднати проекти од "Game Science", пред "Black Myth" да дојде на маса во август 2020 година.
Откако го започнаа развојот на играта, тие се соочија со уште еден предизвик – мораа да добијат одобрение од кинеската влада пред играта да биде официјално лансирана. Тоа е особен предизвик затоа што официјален Пекинг почна да одобрува игри само во последните две години, откако нареди суспензија на сите нови наслови во 2021 година и го ограничи бројот на часови што малолетниците можат да ги играат со цел да се намали злото од неограниченото играње кое довело и до смртни случаи.
На изненадување на многумина, "Black Myth" беше одобрена од кинеската влада во февруари 2024 година и што е уште поизненадувачки, ниту еден дел од играта не мораше да се промени.
А, како што вели познатата изрека, останатото е историја.
Она што ги прави кинеските игри привлечни за играчите ширум светот се секако егзотичните приказни засновани на кинески легенди и митови, кои исто така се богато илустрирани. Затоа, не е изненадување што кинеските развојни студија се свртеа кон такви приказни како инспирација за нови видеоигри. "Game Science", кога ја правеше "Black Myth", испрати тимови и опрема во античките храмови во Кина за да ги скенираат и реплицираат дизајните, подобрувајќи го извонредното чувство на играта.
А фактот дека Кина е интересна област за видеоигри говорат и јасни бројки. Само во првата половина на 2024 година, според дигиталната консултантска фирма "ChoZan", вредноста на продажбата на игри во Кина достигна 147,27 милијарди јуани (20,68 милијарди долари). Од друга страна, продажбата на игри во Кина во странство се зголеми на 16,4 милијарди долари во 2023 година, од 11,6 милијарди долари во 2019 година.
Очигледно, во иднина би можеле да видиме поинтересни видеоигри од Кина.