[ВИДЕО] Зошто браковите обично „пукаат“ после годишниот одмор: Угледен брачен терапевт од Белград ја открил болната вистина

Точка

01/08/2024

18:56

30.414

Големина на фонт

а а а

Проблемот со модерното семејство е што поминуваме малку време заедно. Според познатиот психијатар д-р Александар Мисојчиќ, тоа што живееме едни покрај други не значи дека сме семејство. Тој додава и една особено болна вистина – да сакаш некого не значи да познаваш некого и додава дека во животот семејството подразбира многу компромиси.

Не е редок случај модерното семејство да се собира околу масата само за годишниот одмор, а потоа да дојде до израз нешто што не го препознаваме во секојдневното трчање низ животот. Затоа, порталот „Zena.blic“, го прашале соговорникот зошто браковите обично се распаѓаат после летување? Кои се конкретните причини за кавги. И дали кавгите на одморот генерално се индикации дека нешто со бракот не е во ред? Годишните одмори се периоди кога сме блиски, а секоја блискост носи и ризик да се разочараме и да видиме нешто што не сакаме да видиме.

Тоа што живеете едни покрај други не значи дека сте семејство

Според него, голем е притисокот за време на годишните одмори. Разговарајќи со луѓето, како што вели, забележал дека тие два месеци пред годишниот одмор само трпат, голтаат, потиснуваат во себе и се надеваат дека токму тој годишен одмор ќе биде местото каде што ќе ги „наполнат батериите“, а тоа создава голем притисок.

„Мислам дека некои работи во животот не треба премногу да ги посакуваме, ниту пак премногу да се очекува од одредени работи. Ние очекуваме премногу од тој одмор, а кога двајца поединци тргнуваат со императив за одмор, се поставува прашањето колку овој императив за одмор остава простор за флексибилност, адаптабилност, разбирање за туѓите потреби, што понекогаш ќе доведе до тоа да посакаме да излеземе од комфорната зона“, вели психијатарот Александар и додава:

„Кавгите не треба да се катастрофализираат, не постои функционален однос без конфликт. Мислам дека не е проблем дали имало конфликт, туку проблемот е дали нешто сме научиле од тој конфликт“, истакнува тој.

„Луѓето имаат тенденција често да драматизираат – ’Лелее, се искарав‘. Па што ако. Работите треба да се перцепцираат вака: ’Ако таа расправија мене ме збогати, ако ја го променив во однесувањето тоа што ја иритира мојата драга личност, ако научив повеќе да не го правам тоа, тогаш можеби тој конфликт води кон нешто добро‘.


Се разбира дека не сум поборник за тоа да се расправаме по цели денови, но не треба ниту да ги катастрофализираме расправиите. Само мислам дека тоа се бесмислени конфликти кои не се суштината на разликите меѓу нас двајца, тоа не се различни приоритети, различни модалитети на одмори, различни желби за воспитување на децата на овој или оној начин. Наместо тоа, се расправаме поради некоја суета, љубомора, борба за моќ во партнерскиот систем, нарцисоидни повреди, докажувања. Тоа се бесмислени конфликти.

Но, доколку настане конфликт од тоа што различно гледаме на некои работи во животот и доколку од тој конфликт некако научиме и се договориме што ќе направиме со тие различности – тогаш тој конфликт е и добредојден“, вели докторот Мисојчиќ.

Како да спречите конфликти?

„Со разговор. Заборавивме да ги слушаме луѓето. И кога некој ни зборува нешто – ние веднаш сакаме да му го решиме проблемот или да му објасниме каде греши, но всушност треба да имаме позиција на љубопитност. Мојот пријател, мојата сопруга, мојата драга личност, детето ни кажало нешто, се пожалило можеби, не значи да го советуваме, не значи да му го решаваме проблемот, не значи да му објасниме каде греши, туку значајно е да го слушнеме, да го сфатиме, да го прегрнеме, да го поддржиме. Превенцијата на кавгите е да разговараме на ваков начин – истакнува тој.


Љубовта е давање

Заинтересираноста за другите луѓе. Интерес за другите луѓе. Многу луѓе не ги разбираат своите партнери. Не можеме со некого да одиме на одмор и да живееме со некого доколку не го познаваме.

„Ако одам на одмор со некоја мене драга личност, навистина би морал да се позанимавам и со тоа што таа сака на тој одмор, да се ангажирам да ѝ го овозможам тоа, би морал малку да не мерам дали сум ѝ дал повеќе отколку што таа ми возвратила, би морал да направам за неа нешто на начин што ќе излезам од комфорната зона, а пак да се чувствувам убаво. Тоа е љубов, а љубовта е давање“, објаснува д-р Александар Мисојчиќ.

Љубовта, додава докторот, не е императив сега да морам себично да одморам, па сега секој кој ми ја нарушува комфорната зона да стане најголемата пречка за време на мојот годишен одмор.


„Луѓето треба да ги разбираме, сето тоа се човечки работи, уморни сме, потрошувачкото општество ни наметнува постојана работа, немаме секојдневен баланс, немаме викенд и тогаш сè ставаме во тие 15 дена море. Така да, секогаш кога ќе забележиме дека премногу го чекаме годишниот одмор, по мое мислење, тоа е знак дека нешто треба да промениме во секојдневниот живот. Природно и нормално е да се радуваме на одморот, но доколку два месеци претходно ги одбројуваме деновите до годишниот одмор – тогаш нешто не е во ред во вашето секојдневие“, вели Мисојчиќ.